Премиерот Груевски се сретна со заменик-помошникот на државниот секретар на САД, Филип Рикер

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со г-дин Филип Рикер, заменик помошник на државниот секретар на САД задолжен за европски и евроазиски прашања.

Соговорниците го истакнаа задоволството од континуираното унапредување на пријателските односи и интензивната соработка помеѓу двете држави на секое ниво од взаемен интерес.

На средбата се разговараше и за евроатланската и европската интеграција на Република Македонија.

Беа истакнати чекорите кои се преземаат во повеќе сфери за унапредување на процесите и стандардите, со осврт на унапредување на политичкиот дијалог во земјата.

Се изрази посветеноста и одговорниот пристап за надминување на предизвиците на надворешно политички план.

Соговорниците разменија мислења за регионалните случувања, настани, предизвици и перспективи, и оценија дека сите субјекти во регионот треба да дејствуваат во интерес на засилување на регионалната соработка и обезбедување на стабилизација, напредок и развој на Југоисточна Европа.