Поради постоење на основи на сомнение за сторено казнено дел „Предизвикување општа опасност“ полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Ф.Б.(50) Б.Б.(20) и М.Б.(31) сите од струшкото село Велешта.
На 16-ти овој месец пријавениот Б.Б. управувајќи моторно возило „Форд ескорд“ на крстосницата на улиците „Боро Калајџиески“ и „Пролетерски бригади“ во Струга намерно удрил во задниот дел од патничко возило „Мерцедес“ управувано од Ф.К.(31) од Охрид со што предизвикал сообраќајна незгода. Во следниот момент, од возилото „Форд Ескорд“, покрај Б.Б. излегле и другите двајца пријавени и веднаш започнале со раце и нозе да маваат по патничкото возило „Мерцедес“ како и по возачот Ф.К.
Со цел да го извадат надвор од неговото возило, третопријавениот М.Б. со тврд предмет го скршил стаклото од левата предна врата. Во истиот момент Ф.К. успеал да го стави во погон возилото и да избега од местото на настанот.
Пријавените, поради предизвиканите оштетувања од ударот, своето патничко моторно возило „Форд Ескорд“ го оставиле на лице место. Набрзо, тие беа пронајдени и повикани на разговор во полициската станица во Струга.