Репрезентацијата на Македонија со триумф дебитираше на Медитеранските игри во Мерсин, откако во исклучително неизвесен натпревар успеа да се врати од двоцифрена негатива и да го совлада Египет со 74-67. Вториот натпревар од Групата А, избраниците на Марјан Србиновски го играат утре против Алжир.
Особено тежок старт на натпреварот имаше нашата репрезентација, а во делови од третата четвртина се најде и во неочекувано висока негатива од 11 поени. Сепак, со далеку подобра игра во напад во четвртиот период и пред се во продолжението, Македонија на крајот дојде до заслужена победа со која успешно ги стартуваше Медитеранските игри во Мерсин.
Во текот на целото прво полувреме нашата репрезентација имаше сериозни проблеми со реализацијата, особено од далечина. Избраниците на Марјан Србиновски во првата четвртина шутираа 0/8 за тројка и не погодија ниту еден шут надвор од рекетот. Трајковски, Штерјов и Симоновски ги постигнаа поените за Македонија во тој прв период, кој Египет го доби со 20-13. И покрај солидната игра и солидното движење на нашите играчи, проблемот со реализацијата продолжи и понатаму. Селекторот Србиновски често ротираше со составот, но Египет, користејќи период од играта во кој прифаќаше многу офанзивни скокови, се одлепи на највисоки 28-19. Сепак, во последната минута од полувремето, Горјан Марковски ја погоди првата тројка за Македонија на мечот по цели 13 промашени обиди, следуваше и уште една реализација во низа и додека Бојан Трајковски го контролираше рекетот во одбрана, нашиот тим на полувреме замина со намалена негатива на 3 поени (28-25).
Иако поените во низа пред крајот на полувремето најавија враќање на нашиот тим во мечот, во третата четвртина нашите кошаркари повторно се сретнаа со истите проблеми со реализацијата и скокот. По 7:30 минути изминати во тој трет период, Македонија имаше постигнато само 4 поени, а Египет, веќе запишувајќи преку 50 скокови до тој дел од натпреварот, стигна до највисока предност од 40-29. Сепак, Трајковски ја прекина серијата на противникот со тројка, која почна серија на Македонија од 14-2 и на стартот на последната четвртина, нашиот тим успеа да поведе со 43-42. Димитар Караџовски ја превзема одговорноста во таа последна четвртина во која реализираше 14 поени, но Египет успеа да задржи тесен резултат и во последните 10 секунди се влезе со изедначени 56-56. Египќаните одиграа агресивна одбрана врз Дарко Соколов кој не успеа да си создаде поволна позиција за тројка, па по промашувањето, се замина во продолжение.
Таму, нашиот тим делуваше многу поопуштено и многу поконкретно во нападот, а Александар Костоски и Бојан Трајковски како главни реализатори, донесоа шест поени предност за Македонија (64-58), кои избраниците на Марјан Србиновски знаеја да ги задржат за тешко изборена, но важна победа од 74-67.
Бојан Трајковски со 20 поени го заврши натпреварот како најефикасен поединец во нашиот состав, а покрај поените, одлично одигра и во одбраната. Димитар Караџовски реализираше 16 поени, двоцифрен беше и Александар Костоски со 11, а уште во листата на стрелци се запишаа и Марковски, Симоновски, Штерјов, Соколов, Брчков и Аврамовски.
Македонија – Египет 74-67 (56-56) По четвртини: 13-20, 12-08, 11-14, 20-16, 18-11.
К.Николов, А.Костоски 11, Д.Соколов 4, В.Брчков 2, Д.Караџовски 16, Г.Марковски 8, М.Симоновски 6, С.Ѓуроски, Б.Трајковски 20, А.Штерјов 5, С.Аврамовски 2, Б.Крстевски.
Утре репрезентацијата на Македонија ќе го одигра и вториот натпревар во групата фаза, а противник ќе биде репрезентацијата на Алжир. Натпреварот ќе почне од 16.15 часот и доколку нашиот тим успее да победи, ќе го осигура својот пласман во полуфиналето. Денеска во нашата група играат уште Турција и Алжир.