Со одлична игра во текот на сите 40 минути и постојана контрола врз настаните на теренот и резултатот, избраниците на Марјан Србиновски ја заслужија победата против Алжир, која им го осигура пласманот во полуфиналето на Медитеранските игри. Утре е слободен ден, а во петок нашите кошаркари ќе играат со домаќинот Турција за првото место во групата.
Рано во натпреварот, со неколку погодени шутеви на Костоски и Трајковски, нашата репрезентација поведе со 11-3. Тимот на Марјан Србиновски делуваше многу поагилно и играше многу послободно во однос на вчерашниот натпревар со Египет, но тимот на Алжир, предводен од расположените Харат и Чериет, успеа резултатски да се врати и да одржува неизвесност. Постојано во текот на првото полувреме Македонија се наоѓаше во благо едноцифрено водство и на пауза се замина со 42-40.
По изедначениот прв дел од третата четвртина, Аврамовски, Караџовски и Соколов погодија три тројки по ред и нашата репрезентација пред стартот на последниот период поведе со први двоцифрени 61-50. Знаеја нашите кошаркари како да ја одржуваат оваа предност и не дозволувајќи Алжир до крајот посериозно да се понадева на резултатско враќање, заслужено победија со 89-81.
Александар Костоски со 21 поен беше најпрецизен кај Македонија, додека со двоцифрен број на поени завршија и Караџовски (17), Аврамовски (13), Трајковски (12) и Соколов (11). Уште во листата на стрелци се запишаа и Брчков, Симоновски и Крстевски кои постигнаа по 5 поени. Кај Алжир, дуото Харат-Чериет искомбинира 50 поени.
Македонија – Алжир 89-81 По четвртини: 25-26, 17-14, 22-13, 25-28
К.Николов, А.Костоски 21, Д.Соколов 11, В.Брчков 5, Д.Караџовски 17, Г.Марковски, М.Симоновски 5, С.Ѓуроски, Б.Трајковски 12, А.Штерјов, С.Аврамовски 13, Б.Крстевски 5
Со оваа победа, репрезентацијата на Македонија го осигура пласманот во полуфиналето на Медитеранските игри, каде уште се пласираа и Турција, Србија и Тунис. Утре е слободен ден, додека во петок нашата репрезентација ќе се сретне со Турција во борба за првото место во групата.