Работна средба на претставници на Локалната самоуправа со охридските такси превозници

Во просториите на Секторот за туризам и локален економски развој, денеска, претставници од Секторот за комунален развој, Општинскиот инспекторат и Секторот ТЛЕР остварија средба со претставниците на такси компаниите се со цел остварување на договорот за обврските кои произлегоа од воведувањето на новините во функционирањето на такси превозот во Охрид.

„Заштитата на патниците од манупулации ќе биде приоритет во сезоната што следува“, – истакна Сашо Поп Донев, претседател на Здружението на такси превозници од Охрид.

„Како Локална самоуправа на почетокот на оваа туристичка сезона инициравме средби со сите чинители во туристичката и угостителската дејност. Иако сезоната е на прагот сметаме дека не е задоцнето да се реагира на проблемите кои можат тековно да се решаваат. Денеска ја инициравме оваа првична средба со претставници на такси компаниите и меѓу другото како генерален заклучок беше договорено ваквите средби да бидат почести и на одреден начин инсистираме и ги мотивиравме да ги интензивираат меѓусебните контакти а заклучоците да ги презентираат пред претставниците на локалната самоуправа која соодветно ќе одговори, бидејќи дел од ингеренциите што се однесува на такси превозот се во наша надлежност дел се на државно ниво, меѓутоа секој проблем кој произлегува од нивното тековно работење ние како локална ќе се потрудиме директно или индиректно да го разрешиме“, – рече Ѓоко Апостолов, претставник на Секторот за туризам и локален економски развој.

За такси работењето во градот, Танас Танасоски, раководител на одделението за инспекциски надзор истакна дека во однос на лиценцирањето на такси превозниците поголемиот дел ја имаат исполнето ваквата обврска.

„Сепак пред почетокот на туристичката сезона мора да се реши и проблемот со наплатата, односно да се води сметка за коректноста во начинот на наплаќање од страна на такси превозниците“, – додаде Танасоски.

Танасоски ги повика сопствениците на такси превозот да се водат според цените во тарифникот за да се избегнат жалбите и поплаките кои секоја година пристигнуваат до Општинскиот инспекторат од страна на граѓани и туристи во градот.

Ваквата пракса сериозно му штети на имиџот на градот, па затоа односот на таксистите во градот секако најповеќе ја засега локалната самоуправа. Во тој правец Општината презеде соодветни мерки односно секое такси возило мора да има истакнато ценовник што е во согласност со законот, секое такси возило ќе има истакнато лиценца за возење, а во идина во возилата ќе има и етички кодекс на однесување како на самиот таксит и такси компанија така и на патникот кој ги користи нивните услуги.

Доколку такси превозниците не се придржуваат до пропишаните одредби истите може да бидат пријавен како до надлежните инспекциски служби така и до самата такси компанија затоа што и самите сопственици на такси компаниите изразија подготвеност за регулирање на постоечкиот проблем.

sredbasotaksisti1