Колумна: Напредокот не смее да ги загрози вредностите на Езерото

Повторно e Ден на Езерото. По 14-ти пат следено од денот кога во февруари 2000 година како Борд за заштита на Охридското Езеро донесовме одлука секој  21 Јуни, најдолгиот ден и денот на почетокот на летото, да се слави во име на Езерото без кој најверојатно ние не ќе ни бевме овде каде што сме.

Не верувам дека би биле интересни искажување со епитети за Езерото  кои се повеќе од јасни, ниту пишување историјати на мерките кои се преземени или НЕ-преземени за неговата заштита, унапредување, подобрување. Ниту веќе фамозните повици дека треба да ги чуваме и штитиме. Зборовите веќе не се важни, ионака се исти.

Денес во битката за профити, за економски напредок, често се заборава на обврската која ја имаме кон Него. Тоа, езерото, ни останува важно само кога треба да се пофалиме, кога треба да се направиме битни и важни и кога треба да ни служи да земеме од него, а не да му дадеме. Притоа секако заборавајќи го фактот дека сме битни и важни токму заради Неговото постоење, заради неговата мирнотија и разбранетост, заради неговата синевина и потемнување, заради неговата чистина и од нас нанесената загаденост. Последниве години наназад го удривме Него таму каде што најмногу го боли. Му ги натежнавме бреговите со тони и тони бетон, му ги уловивме „децата“ со тони полни мрежи, го прегазивме со разни пловни објекти, му ги сокривме синевините со тони и тони ѓубре, му ја испивме водата со милиони и милиони литри. И пак му гледаме во очи.

Но, настрана емоциите, после се доаѓа конечно реално време кога ќе мора да се донесат важни одлуки. Одлуки околу начинот и количините на користење на водите од Езерото, околу начинот на користење на рибниот фонд, околу начинот на негова нова туристичка валоризација и секако одлука околу состојбата со притоките кои и го хранат и го загадуваат. Од тие одлуки ќе зависи иднината на Езерото и иднината на сите нас околу него.

Борбата за заштита секако ќе биде вечна. Ние сме само една генерација раскината помеѓу желбата да се заштити природата и убавините од една страна и потребата за економски напредок од друга страна. Јас таа борба ја подразбирам како битка за одржливост на постоењето. Затоа, напредокот никако не смее да биде на сметка на квалитетот и  стабилниот екосистем на Езерото. Од Езерото смее да се земе само онолку колку што екосистемот и самото тоа може да издржи. Таквиот пристап не е некоја непозната равенка, светот го искусил истото, па можеме и ние така да ги поставиме работите. Работиме токму на создавање такви услови и ќе продолжиме и натаму. Прашање што е критично е која од двете страни во овој миг ќе претежне. Каков и да биде притисокот врз басенот ние мораме да се избориме  да создадеме услови екосистемот и вредностите на Езерото да не се нарушат. Ако не оваа, наредната генерација ќе ја сфати потребата и вистината за тоа.

Затоа што Езерото какво и да сме го наследиле, какво и да го оставиме после нас, сепак тоа е вечно. И токму заради капката грижа кон Него, заради бранот со љубов за Него, заради брегот на вредноста и заради иднината и вечноста – вечен нека биде и Неговиот ДЕН !

Охрид, Ден на Езерото, лето 2013-то

Дејан Пановски – Билатерален Секретаријат за Охридско Езеро

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.