Кривична пријава за лажно пријавување кражба на 35 илјади евра

По преземени мерки за реализација, Секторот за внатрешни работи Охрид расветли пријавен настан што како казненото дело „Разбојништво“ беше пријавено на 18-ти овој месец. Следниот ден, СВР Охрид од слобода го лиши Т.М.(31) од Охрид по што против него ќе биде поднесена кривична пријава за лажно пријавување на кривично дело.

На 18-ти овој месец, околу 12 часот телефонски во СВР Охрид е пријавено забележано неподвижно тело пред куќен број на улицата „Славеј Планина“ во Охрид. По извршениот увид на лице место, полициските службеници утврдиле дека се работи за лицето Т.М. кој според неговите изјави, со тврд предмет бил удрен во пределот на главата по што паднал во бессознание. Како што Т.М. им изјавил на полициските службеници, од неговата ташна што ја носел преку рамо, непознатиот напаѓач му одзел 35.000,оо евра.

Со низа преземени оперативни мерки, анкети и разговори вклучително и полиграфско тестирање, констатирано е дека Т.М. лажно пријавил кривично дело односно лажно пријавил друг како сторител на кривично дело. Тоа го направил иако знаел дека реално нема сторител што го удрил со тврд предмет и му ги одзел парите. Т.М. со цел да го прикрие трошењето на парите за свои потреби  во износ од 35.000,оо евра кои биле сопственост на правното лице каде бил вработен, а му биле доверени на управување од сопственикот К.В. на 18-ти овој месец се упатил кон улицата „Славеј планина“. каде пред куќа во изградба забележал бекатон плочка. Со неа тој два пати си нанел удари во пределот на главата, а потоа легнал на земја односно на песокот кој бил до куќата во изградба претварајќи се дека е во бессознание. Претходно тој од банка подигнал 5000,оо евра сопственост на правното лице каде бил вработен.

Т.М. во периодот од Ноември минатата до Јуни оваа година од сефот во банка каде биле парите во повеќе наврати подигал пари и со истите уплаќал спортска прогноза во една кладилница во Охрид при што потрошил вкупно 35.000,оо евра. Со цел да го прикрие трошењето на парите Т.М. се одлучил на лажно пријавување на кривично дело и пријавил непознат сторител.

Инаку Т.М.  досега по ниту еден основ не е познат на службата како извршител на казнени дела.