Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска престојуваше во работна посета на Охрид, каде се сретна со директорите на националните установи од областа на културата во овој град, како и со градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.
На средбата се разговараше за сите досегашни проекти кои во изминатиот период со поддршка на Владата на РМ беа реализирани во Охрид, но и за интензивирање на активностите кои што ќе следат во наредиот период.
Канческа-Милевска во изјавата за медиумите ја изрази својата увереност дека со добрата соработка и координација со локалната самоуправа во Охрид ќе се реализираат уште многу нови проекти од областа на културата со што ќе се направи еден силен исчекор на културен план, Охрид да живее во текот на целата година, а не само во летниот период.
„На денешната средба градоначалникот Бакрачески го информирав дека во тек е конкурсот на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2014 година. Сметам дека националните установи од Охрид заедно со локалната самоуправа треба да достават добро конципирани проекти преку кои ќе се даде еден силен импулс и ќе се презентираат уште многу нови проекти“, рече Канческа-Милевска.
Таа најави дека, покрај останатите проекти, преку Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид во тек е изработката на проектите на покривање на сцените на Античкиот театар и Долни Сарај со монтажно-демонтажни покриви.
„Проектите согласно сите законски регулативи треба да бидат готови до 20 јули, по што ќе се распише тендер за избор на изведувач“, истакна министерката за култура.
Канческа-Милевска и Бакрачески денеска ја посетија и Куќата на Ајри Доко, каде е завршена третата фаза од конзервација на овој значаен споменик на културата, а присуствуваа и на промоцијата на Куќата на Бојаџиеви, лоцирана во непосредна близина на Античкиот театар, каде во изминатиот период беше завршена реконструкцијата на фасадата и на внатрешноста на овој автентичен примерок на стара градска охридска архитектура.
Реализацијата на реставрацијата на оваа значајна споменичка целина е во рамките на поширокиот проект за обнова и конзервација на повеќе фасади во градските јадра кој започна минатата година, а чија што цел е заштита и промоција на културното наследство и споменичната архитектура која ја поседува нашата земја.
„Како што напоменав, Куќата на Бојаџиеви претставува карактеристичен пример за стилот на охридската староградска архитектура и урбанистичките концепции од 19 век. Убедена сум со реализацијата на овој проект се даде голем придонес кон сочувувањето на еден несекојдневен автентичен пример на охридска староградска архитектура кои секојдневно го привлекува вниманието на сите домашни и странски посетители кои го посетуваат Охрид“, рече Канческа-Милевска.
Таа информираше дека годинава тече процесот на конзервација на археолошкиот локалитет Манчевци, а до крајот на јуни предвидено е да заврши конзервацијата на јужниот ѕид од летната сцена Долни Сарај, зафати кои беа неопходни од безбедносни причини.
Градоначалникот Бакрачески пред новинарите додаде дека грижата за зачувување на уникатноста на охридската архитектура и традицијата во градењето, посебно во стариот дел на градот, ќе бидaт врвните приоритети на локалната самоуправа.
„Во таа насока можам да ве уверам дека институциите кои работат во тој дел ќе водат максимална грижа. Во координација со Министерството за култура ќе дадеме се од себе да уште поголем број на локалитети во старото градско јадро ги опфатиме со програмата за реконструкција и санација на истите и зачувување на уникатноста на архитектурата“, изјави Бакрачески кој на директорите на националните културни институции им вети поддршка за културен развој на градот и помош во реализацијата на крупните проекти.