Нашата кошаркарска репрезентација доживеа убедлив пораз во полуфиналето на Медитеранските игри од силната Србија со 94-49. Избраниците на Марјан Србиновски сепак остануваат во борба за медал, а во вторник за бронзата ќе се сретнат со Тунис кој во второто полуфинале беше поразен од Турција.
Уште од почетокот на натпреварот во Мерсин, Србија го наметна своето темпо на игра и додека нашите кошаркари тешко успеваа да го најдат падот до противничкиот кош, противникот константно го зголемуваше водството. Со само 19 постигнати поени во првите 20 минути, македонските кошаркари веќе имаа 28 поени негатива на полувремето (47-19) и додека двајцата тренери често менуваа во составите во последните две четвртини, Србија продолжи во ист стил, за убедлив и конечен триумф од 94-49.
Во другото полуфинале играно во Мерсин, домаќинот Турција во тесна завршница го совлада Тунис со 77-69, па Македонија за бронзениот медал на Игрите ќе ги одмери силите со Африканците. Натпреварот за третото место помеѓу Македонија и Тунис се игра во вторник од 16:15 часот, додека финалето помеѓу Србија и Турција ќе почне од 18:30 часот.