Договор за туристичка соработка меѓу Македонија и Косово

На средбата беа разгледани актуелните и идните проекти кои ќе придонесат за интензивирање на соработката меѓу Република Македонија и Република Косово, како еден од нашите најзначајни партнери. Имено, вредноста на трговската размена со Косово во првиот квартал во 2013 годината изнесува околу 96.202 милиони долари, со суфицит на македонска страна од 78 384 милиони долари, што претставува  доволен мотив за уште поголемо унапредување на соработката.

„Во туристичката размена со Косово досега доминираат индивидуалните и деловните посети на граѓани и правни субјекти од двете земји, како и организирани аранќмани кон езерските места и зимските центри. Со посебно задоволство ќе истакнам дека годинава, во споредба со 2012 година, бројот на туристи кои ја имаат посетено Република Македонија во првите четири месеци бележи тенденција на зголемување. Според последните податоци, бројот на туристите од Косово за април 2013 година, во однос на април 2012 , е зголемен за 49%, а бројот на ноќевања е зголемен за 53%“, рече Сараќини, додавајќи дека целта е да се создаде заеднички туристички пакет, кој регионалниот туристички пазар ќе го направи поконкурентен.

Заменик претседателот и министер за индустрија и трговија на Република Косово Мимоза Кусари Лила напомена дека покрај туризмот и неговата заедничка промоција на трети пазари, во идниот период ќе се работи и на зголемување на извозот од Косово во Македонија, но и размена на искуства во делот на подобрување на бизнис климата и привлекување на странски инвестиции.

„Од особена важност во наредниот период ќе биде патот Приштина – Скопје, чија изградба на  косовска страна ќе започне во октомври, капиталниот проект Брезовица, чиј старт е прецизиран  на есен, а Договорот за туристичка соработка претставува сигнал дека сме блиски дави кои треба да настапат со заедничка туристичка понуда, но и заедничка промоција, не само во туризмот, туку и во инвестициите“, истакна Кусари.

Според министерот Сараќини, Договорот за соработка во областа на туризмот ќе претставува солидна основа за поволна рамка за инвестиции во областа на туризмот; размена на информации, статистички податоци и слично; заемно учество на туристички изложби, саеми и останати манифестации, размена на исуства во делот професионална обука на персонал од туристичките индустрии во двете земји; поттикнување на туристичката соработка во рамки на Светската туристичка организација и останати меѓународни организации; и промоција на регионот кон трети партнери.

Промоцијата би се одвивала помеѓу владините институции, но и во приватниот сектор, заради продажба на заедничкиот туристички производ кон трети пазари. Оваа соработка во поново време добива на сé поголем инензитет, пред сé кон земјите од далечниот исток, но и земјите од Западна Европа, каде што се прават промоции или тури со подолг временски период.

Инаку, плодната економска соработка со Република Косово се должи на бројните договори што ги применуваме со оваа земја, пред сè ЦЕФТА Договорот, со кој што се регулирани трговските односи, потоа Договорот за економска соработка кој ги регулира сите економски сектори, а потпишувањето на Договорот за туризам ќе овозможи и оваа битна гранка да се регулира на билатерална основа, со што ќе се заокружи правната рамка на сите економски аспекти кои се потребни за бизнис заедницата да може непречено да ја одвива својата соработка.