Македонски доктори на специјализација во Нирнберг

Договорот за соработка претходно беше потпишан кога министерот за здравство, Никола Тодоров, беше во посета на Германија.

Новитет во договорот е што млади медицински кадри од Македонија ќе одат на специјализација за повеќе области.

Специјализацијата таму можат да ја поминат во целост, односно во времетраење од 5 до 6 години или само половина од периодот потребен за специјализација.

Министерот Никола Тодоров посочи дека другата недела уште четири доктори ќе заминат во Нирнберг. 

„Многу е важно што македонските доктори кои заминуваат таму работат рамо до рамо со познати специјалисти, со нивните колеги од Германија. На тој начин директно учат нов пристап, знаење и методи за оние области кои ги нема во Македонија. Главната цел на обуките е што поквалитетна здравствена услуга во Македонија“, истакна Тодоров. 

Директорот Гутер Никлевски на покана на Тодоров пристигна во Скопје. Тој посочи дека соработката помеѓу двата града е стара 40 години, но се официјализира со потпишување на официјалниот договор во Германија.

„Од вашата земја веќе има луѓе што работат во нашата клиника. На македонските колеги им овозможуваме усовршување на вештините, особено во некои гранки кои се дефицитарни. Соработката е и повеќе од успешна“, истакна тој.

Клиничкиот центар во Нирнберг се состои од 38 клиники и 5.200 вработени, кои годишно опслужуваат 100.000 хоспитализирани пациенти и 95.000 амбулантски.

По завршување на специјализацијата, македонските доктори се обврзани минимум шест години да работат во македонска здравствена установа.