ЈП „Билјанини Извори“ од денес официјално стопанисува со паркинзите во центарот на градот

Од денеска со јавните паркинг простори во централното градско подрачје стопанисува Ј.П. „Билјанини Извори“ – Охрид. Станува збор за паркинг простор кој се протега на улиците „Македонски Просветители“ од пресекот на ул. „Булевар Туристичка“ до крај заедно со кружниот тек на сообраќај. Паркинг простор кој се протега на дел од улицата „Партизанска“, од пресекот со улицата „Македонски Просветители“ до улицата „Кузман Јосифоски Питу“, од крстосницата на оваа улица со улицата „Партизанска“, па се до пресекот со улицата „Кеј Маршал Тито“, заедно со паркингот Ривиера. Паркинг простор кој се протега на дел од улицата „Кеј Маршал Тито“, од пресекот со ул. „Булевар Македонски Просветители“, па се до излезниот терминал кај паркинг куќата на истата улица.

„Наплатата ќе се врши во две зони, зона А и зона Б. Зона А покрива кружен тек и „Кеј Маршал Тито“ заедно со „Македонски Просветители“, спроти маркетот Тинекс. Зона Б значи  „Македонски Просветители“ од поштата до семафорите кај Охридска банка и улица „Партизанска“ до План Б заедно со улицата „Партизанска“ и Ривиера“, – изјави в.д директорот на ЈП „Билјанини Извори“ Иванчо Цветкоски.

Цената за зона А изнесува 40 денари за првиот и вториот час, 30 денари за третиот час и секој нареден час е по 30 денари. Зона Б изнесува 30 денари за првиот и вториот час, третиот е 20 денари и секој нареден час изнесува 20 денари. Цветкоски верува дека за кратко време ќе се почувствува финансискиот бенефит што го овозможи Локалната самоуправа. 

„Испративме соопштение до јавноста, ги повикавме сите станари кои што живеат на улиците кои што ЈП стопанисува да се обратат во јавното претпријатие и во процедура сме и да отвориме и телефон со предзнак 0800, ќе биде бесплатен и доколку имаат потреба сите кои го користат паркингот кој што ние го стопанисуваме значи слободно да се јават во дирекцијата и да се обидеме да ги решиме проблемите. Инаку во овој момент мобилниот телефон 078 313270 и фиксен телефон 046 231 535 се достапни за граѓаните  ако мислат дека треба нешто да ни сугерираат  и доколку ина поплаки во текот на нашето стопанисување  со паркинизите. Исто така има две екипи кои ги посетуваат сите правни субјекти кои гравитираат по улиците кои ние ги стопанисуваме, се со цел да им посочиме едно известување да се упатат до ЈП и доколку има желба од нивна страна да потпишеме договор во делот за изнајмување на градскиот паркинг“, – додаде Цветкоски.

Од Локалната самоуправа сигурни во тоа дека со стопанисувањето на паркинизите, Јавното претпријатие ќе ја надмине катастрофалната финансиска ситуација во која што се наоѓа.

„Деновиве до нас допираат и низа дописи и укажување на граѓаните кои што го оправдуваат  овој потег значи од секој аспект, граѓаните на општина Охрид се среќни затоа што наплатата на паркинзите ќе ја врши ЈП што е бенефит за градот, граѓаните никогаш не биле против наплаќање на паркинот. Ние спроведовме определени анкети, анализи и дојдовме до заклуок дека потребно е да има наплаќање на паркинг, тоа овозможува ред во паркирањето и граѓаните се среќни за тоа што парите практично  ќе одат во ЈП кое понатаму ќе има  обврска да ги реинвестира во подобрување на содржините кои што им ги нуди на граѓаните“, – изјави секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески.

Општината ќе биде секогаш спремна, во рамките на своите законски надлежности, да им помогне на јавните претпријатија и заедно со нивните менаџерски тимови да работат за доброто на Охрид и охриѓани.

Како што нагласи Спасески, граѓаните и туристите ќе добијат една квалитетна услуга и на тој начин, како и преку останатите активности, така и преку овој сегмент ќе се оправда Охрид како туристички бисер на Балканот.

WebOhrid