Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска оствари средба со претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија Драги Аргировски.
„Најпрво би сакал да изразам огромна почит кон сите пензионери во Република Македонија и кон раководството на Сојузот на пензионери на Република Македонија, бидејќи според мене старите лица и пензионерите се луѓето кои што учествувале во изградбата на оваа држава и токму поради тоа од нас помладата генерација ја заслужуваат должната почит, меѓутоа исто така и посветеност за реализација на нивните потреби и барања и проекти кои што заеднички ќе ги предвидиме“, рече Спасов.
Тој посочи дека во изминатиот месец остварил неколку средби со претставниците на Сојузот, како и со претседателот Аргировски со цел да се дефинираат понатамошните приоритети во соработката, со цел да се обезбеди достоинствен живот за сите пензионери во Република Македонија и олеснување на пристапот до социјалните права на старите лица.
На денешната средба било разговарано за проектот на Владата на Република Македонија за бесплатна бањско – климатска рекреација за пензионерите, кој што и годинава ќе се реализира повторно.
„Имено 1400 дополнителни места се обезбедени за ист толкав број на пензионери кои што ќе го искористат во наредниот период, односно во септември и октомври оваа година, со цел да им овозможиме на што повеќе пензионери да можат да ја искористат оваа бесплатна усллуга, да ги посетат бањите во Република Македонија и да се рекреираат“, рече министерот.
Тој додаде дека било разговарано и за други натамошни проекти, како што е отворањето на што е можно повеќе дневни центри за пензионерите.
Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија Драги Аргировски, напомена дека е неопходно да се одржи континуитетот на меѓусебната соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Сојузот на пензионери .
Како што рече, со новиот министер ќе се обидат да направат спој помеѓу искуството и младоста и изрази уверување дека на тој начин ќе се остварат уште подобри резултати.
„Ние дадовме целосна поддршка за проектот на владата на Република Македонија за бањска рекреација на пензионерите“, рече Аргировски.
Тој посочи дека ова е четврта година како се спроведува Владиниот проект за бесплатна бањско – климатска рекреација и нагласи дека досега оваа услуга ја искористиле околу 30.000 пензионери.