Нови вработувања во Јавните научни установи

Дваесет научни работници и девет административци ќе бидат вработени во Јавните научни установи.

Овие вработувања се обезбедуваат со цел зајакнување на човечките капацитети во Јавните научни установи, кои подолг временски период се соочуваат со проблем на одлевање на кадарот по разни основи како пензионирање или преминување во други институции.

Министерот за образование и наука информираше дека според добиената согласност од Министерството за финансии, нов кадар ќе добијат седум научни установи:

Институтот за фолклор, „Марко Цепенков“ – Скопје, 6 извршители на работни места: научен соработник, асистент истражувач, двајца помлади асистенти – истражувачи, библиотекар и секретар правник.

Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, во тек е постапка за вработување на 2 извршители на работното место Помлад асистент – истражувач и 1 извршител на работното место секретар правник.

Во Институтот за старословенска култура – Прилеп, вработени се 2 лица на работното место библиотекар и програмер оператор, а постапката за вработување на 5 извршители на работното место помлад асистент е во тек.

Во Институтот за македонска литература – Скопје, постапката за вработување на 1 библиотекар е во тек, а за 2 асистенти тече рокот за приговори.

Предвидено е да се објави конкурс за вработување на 5 лица на работните места: 3 помлади асистенти – истражувачи и 2 оперативно теренски работници во Хидробиолошки завод – Охрид.

Вработувањето на 2 лица за работните места асистент истражувач и сметководител на Институтот на национална историја – Скопје, е во тек.

Конкурсот за вработување на 3 лица на работните места помлад асистент – истражувач и научен соработник – истражувач во Институтот за културно духовно наследство на Албанците – Скопје, ќе биде реализиран во претстојниот период.

За оваа намена се обезбедени 13 милиони денари.