Во организација на Директоратот Дипломатска академија, во просториите на Министерството за надворешни работи, министерот за надворешни работи, Никола Попоски и амбасадорот на Сојузна Република Германија Гудрун Елизабет Штајнакер, одржаа заедничко предавање на тема: “Mакедонско – германската соработка на патот на европската и евро – атлантската интеграција на Република Македонија“.
Пред заедничкото предавање, министерот за надворешни работи, Никола Попоски и амбасадорот на Сојузна Република Германија Гудрун Штајнакер, имаа куса средба на која двајцата соговорници го истакнаа интересот за динамизирање и унапредување на политичкиот дијалог и економската соработка меѓу двете земји.
Министерот Попоски во предавањето ги повтори стратешките определби за што поскоро интегрирање на земјата во Европската Унија и во НАТО. Осврнувајќи се на поновата историја на заемните односи, министерот Попоски истакна дека Германија е еден истакнат и веќе докажан силен поддржувач на Република Македонија, во периодот на стекнување независност, но и подоцна, придонесувајќи на тој начин Македонија да стане независна држава. Со оглед на фактот што Германија и понатаму останува движечки мотор на интеграцијата на ЕУ и иницира тренд на европска политика на консолидација и стабилност, министерот Попоски изрази очекување дека Македонија ќе го добие заслуженото внимание од Германија и ќе добие фер шанса во исполнувањето на една од најприоритетните стратешки определби, а тоа е да стане членка на европското семејство.
Министерот Попоски истакна дека охрабрувачки е и фактот на постоењето на традиционалната економска соработка помеѓу две земји, која во изминатите години ужива постојан раст и која во континуитет ја прави СР Германија главен надворешно-трговски партнер на Република Македонија.
Амбасадорката Штајнакер, ги повтори зборовите на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле дека СР Германија стои зад европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Р. Македонија и во иднина целосно ќе го поддржи патот на Македонија кон нејзиното членството во ЕУ. СР Германија ќе стои на зборот меѓутоа нема да има ниту попуштање, но ниту дополнителни пречки за ниту една земја аспирант за членство во ЕУ. Таа исто така констатираше дека односите меѓу двете земји се добри а соработката е разновидна.
На крајот од своите излагања Министерот Попоски и амбасадорот Гудрун Штајнакер одговараа на повеќе прашања.