Дебата за екстерното проверување на постигнатиот успех на учениците

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на дебата на тема „Екстерно проверување на постигнатиот успех на учениците“, организирана од Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар.

На дебатата присуствуваа и претставници на СОНК, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, директори на училишта, наставници, ученици, односно сите кои на некој начин се вклучени во процесот на екстерното тестирање.
Главната цел на дебатата е да се разгледа досегашното искуство и предизвиците од имплементацијата на процесот на екстерно тестирање, со цел тој да продолжи успешно да се имплементира и надградува во оваа и во сите понатамошни учебни години.

„На некој начин сите се согласуваат дека екстерно оценување треба да има, меѓутоа секој од свој аспект дава предлози и забелешки што евентуално би требало да се менува, кои, секако дека ќе ги имаме во предвид при евентуални измени во Законот за основно и средно образование во делот на екстерно оценување“, рече Адеми.

Оваа дебата е дел од социјалниот дијалог со СОНК, за кој, како што нагласи Адеми е најголемиот партнер на Министерството за образование и наука во реформирањето на образовниот систем и партнер во спроведувањето на оваа и на бројни други реформи.

„Едно од барањата на СОНК е да се дебатира за екстерното оценување. Денеска имаме и претставници од СОНК и на некој начин ние почнавме и да го реализираме тоа што го договоривме со нив“, истакна Адеми.