Отворени вратите на Проектот: Креативен Охрид „Сега“

Од денеска па во наредните седум дена  во Охрид во организација на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје НУ, а во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, НУ Охридско лето, и Општина Охрид, ќе се реализира  меѓународната летна архитектонска школа насловена како „Архитектурата како перформанс“.

Проектот КРЕАТИВЕН ОХРИД „СЕГА“ ќе опфати три локации во градот кои ќе добијат нов функционален изглед автентичен на охридската градска архитектура кои пак во иднина ќе можат да бидат и идејно решение за уредување на простотрот.

„Ќе се работи на три локации и студентите поделени во групи  ќе го осмислуваат визуелниот идентитет на зададените простори. Едната локација е поткровјето на средното училиште „Свети Климент Охридски“, втората е Долни Сарај и третата е на плоштадот Чинар кај фонтаната. На тие локации студентите ќе го кажат својот збор во врска со тоа како го замислуваат просторот и што е тоа што најдобро би можело да се интервенира за да може да функционира во текот на целата година. Веќе се направени макетите на тие простори. Сите интервенции во просторот архитектонски, дизајнерски и визуелни ќе бидат презентирани в сабота“, информираше деканот на  Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје Викторија Еремеева.

Работејќи во континуитет на концептот на интегрирано архтектонско образоване, факултетот за архитектура и дизајн одлучи да делува во рамките на афирмација, промоција и актуализирање на креативните индустрии во Република Македонија. 

Според проф. д-р Кокан Грчев од Факултетот за архитектура и дизајн на Американскиот колеџ, во Скопје, потребата од такво фокусирање произлегува од неопходноста за ставање на културата и идентитетскиот комплекс, градителското наследство, културното наследство, како носечки проблеми низ кои во денешно време и услови треба и може да се промислува суштината на архитектонскиот и културниот идентитет. 

„Кога архитектурата се корсти како перформанс, тоа значи дека архитектурата и односото кон просторот, да го стави просторот во секаква можна функција. Охрид навикнат е да живее од големите места на кои се случуваат големи настани. А малите луѓе, оние што секојдневно ги трошат своите простори заборавија дека најголемата вредност е токму вредноста на малите места поврзана во широка мрежа на презентирање на идентитетот, структурата, суштината визуелните и естетеките вредности, се тие што се носители на големиот идентитет и големат аархитектура“, истакна Грчев.

Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн која за прв пат се организира, преставува почеток на реализацијата на заложбите Фестивалот Охридско лето да живее преку цела година односно да има активности и надвор од традиционалната уметничка рамка 12 јули – 20 август. 

„Денеска и официјално стартуваме со нашите заложби за зголемување на активностите во рамките на Фестивалот. Имено со Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн  го стартуваме  концептот на реализација на настани и пред и после фестивалската програма со настани  кои имаат квалитет еднаков на оној по кој не препознаваат. Љубителите на уметноста ќе можат да следат квалитетни настани преку цела година. Квалитетот кој ќе го понудиме, со врвни уметнички, професионални и стручни критериуми, ќе може да не афирмира не само на локално и на државно ниво, туку и во меѓународните системи на културните вредности, како дел од големиот натпревар меѓу културите“, изјави директорката на Охридско лето Елизабета Јанкуловска.

Работата и тематскиот опфат на школата се насочени кон три главни компатибилни области на делување : архитектура, визуелни уметности (дизајн) и урбанизам, водејки грижа и за сите други компатибилни области. Нивното интегрирање, се очекува низ призмата на т.н. „потполна креативност„ произлезена од продлабочените студии и истражувања на поедините „места„ (дисперзирани низ старото јадро на Охрид), како нуклеуси кои израчуваат од себе култура и делување, создавајќи широка мрежа на одржливи единици.   

„Идејата започна токму минатата година и навистина е успех што токму сега стана реалност. Се надевам дека овој настан ќе прерасне во традиционален и секоја година ќе ја гледаме креативноста во архитектурата и дизајнот“, истакна директорот на Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска.

Крајната цел на предвидените активности, е низ мултидисциплинарен пристап, да се ре-откријат вредностите на културните амбиенти во контекст на широко сфатената креативност, а со цел да ја прифатиме и утврдиме дефиницијата на архитектурата како перформанс низ концептот на ревитализирана култура, приближувајки се на тој начин и делувајки низ суштински разбрани поенти на креативните индустрии. 

Во реализацијата на овој проект вклучени се :Министерството за култура на РМ, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, НУ Охридско лето, Општина Охрид и Факултет за архитектура и дизајн, Универзитет Американ Колеџ Скопје.