Ѓорѓиоски ја доби довербата за претседател на ФФМ на редовното изборно собрание во Охрид

Илчо Ѓорѓиоски е избран за Претседател  на Фудбалската федерација на Македонија на редовното Собрание кое се одржа во Охрид. Делегатите на собранието едногласно му ја дадоа довербата на Ѓорѓиоски да раководи со македонскиот фудбал во наредните четири години.

„На човек како мене, на луѓе како нас – фудбалот ни е се. И нужност и полза и законитост. Ќе продолжиме да градиме однос полн со доверба, но и со обврски. Тука сме да создаваме и да бидеме одговорни за постапките. Ви благодарам што на вистински начин ја препознавте нашата програма за развој на фудбалот“, изјави Ѓорѓиоски веднаш откако беше избран за Претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

Во своето обраќање пред делегатите и високите гости од УЕФА и ФИФА, Ѓорѓиоски говореше за сработеното во изминатата година и проектите кои ФФМ планира да ги реализира во наредниот период.

„Развојот на младинскиот период беше и останува наш приоритет. Со националната програма за развој на младинскиот фудбал воспоставивме критериуми кои имаат единствена цел, да се грижиме за младите категории како никогаш досега. Со младинските селекции сега работат едуцирани и стручни тренери со професионални договори. Нивна обврска е да имплементираат ист систем на игра на сите репрезентативни категории, тоа е дел од националната стратегија. Наше е да им да дадеме потребната логистика и финансиска подршка. Поставувањето база за подобрување на инфраструктурата исто така беше еден од клучните аспекти во нашето работење. Во соработка со локалната самоуправа низ општините во државата технички се помага преку проекти одобрени од УЕФА и ФИФА. Пример за тоа се десетте терени со вештачка трева кои се од исклучително значење за клубовите во државата. Го изградивме комплексот „куќа на фудбалот“ и тренинг центарот на ФФМ. Создадовме дом на фудбалот за да креираме подобри услови и да подигнеме нови стандарди“, изјави Ѓорѓиоски.

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија зборуваше и за промените во системот за натпреварување кои имаат за цел да го кренат квалитетот на клубскиот фудбал. Ѓорѓиоски потенцираше дека со кампањата 100% фудбал, ФФМ дава придонес во насока на зголемување на толерантноста, заедништвото и меѓусебното почитување. Потврда за јавното и транспарентно работење ФФМ даде со објавувањето на финаниските резултати, за прв пат во историјата на фудбалската федерација.

На редовното изборно собрание во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид беше избран нов Управен Одбор кои брои 14 члена. 

Новиот УО на ФФМ ќе го сочинуваат: Златко Талевски (ОФС Битола), Лазар Ракиџиев (ОФС Велес), Серафим Димовски (ОФС Валандово), Светозар Станковски (ОФС Гази Баба), Добре Иванов (ОФС Кратово), Муамед Сејдини (ОФС Кичево), Салим Абдиљи (ОФС Липково), Тони Ивановски (ОФС Охрид), Марјан Стојкоски (ОФС Прилеп), Аргетим Асани (ОФС Струга), Димитар Џонов (ОФС Штип), Мехмед Абдиу (ОФС Тетово), Дејан Димовски (ОФС Свети Николе), Горан Гаврилов (ОФС Пробиштип).

На Собранието беа избрани и членови на Надзорен одбор, членови на Дисциплинска комисија, членови на Дисциплински инспектор, членови на Комисија за жалби, членови на Комисија за лиценцирање клубови, членови на Комисија за жалби за лиценцирање клубови. Делегатите на Собранието ја изгласаа одлуката за кратење на првата и втората лига кое започнува од натпреварувачката 2014/15 година. Првата лига ќе брои 10 екипи, исто толку ќе партиципираат и во втората лига. Ќе се формираат пет трети лиги со по 12 клуба.

На Собранието беа донесени измени и дополнување на Дисциплинскиот правилник, а со цел истиот да се усогласи со Статутот на ФФМ, како и со промените на дисциплинскиот правилник на УЕФА. Посебно внимание е насочено на одредбите кои ги третираат прашањата за користење на недозволени средства, односно анти допинг политиката, спречување на насилство на стадионите, како и следење на препораките на УЕФА и ФИФА во поглед на справување со несаканите појави во фудбалот, како што се национализмот или било каква дискриминација и борбата влијанија на исходот и текот на натпреварите. Правилникот, исто така претрпе и структурални промени, а со цел на сите засегнати страни да им се овозможи во една нова правна рамка полесен приод кон различни области кои дисциплинскиот правилник ги регулира.

На Собранието беа изгласани и промени во Правилникот за судии и судење кои се однесуваат на усогласување на Правилникот со Статутот на ФФМ, како и имплементирање на Комет системот. Покрај овие промени направена е измена во регулативата во поглед на регулирање на судиските прашања во третите лиги, како и поделба на надлежностите за одредени судиски промени согласно судиската конвенција на УЕФА.

На редовното Собрание беше присутен и потпретседателот на УЕФА, Григориј Суркис, кој напомена дека македонскиот фудбал оди во вистински правец. Честитки за изборот за прв човек на ФФМ, Ѓорѓиоски доби и од Давид Петријашвили, одговорен за национални селекции во УЕФА.

Gorgioski2