Интервју на Никола Груевски за најгледаната и најугледна кинеска телевизија

Премиерот Никола Груевски пред почетокот на својата официјална посета даде интервју за најголемата и најгледана кинеска телевизија CCTV, која емитува вести на сите континенти и има повеќе од 70 меѓународни претставништва. CCTV поседува вкупно 22 канали и е водечки медиуми на азискиот континент.

Премиерот Груевски во рамките на интервјуто се осврна на теми од билатералните односи помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина, во повеќе сфери од взаемен интерес поврзани со развојот на политичките и економските односи, можностите за остварување на динамична економска соработка, зголемување на трговската размена и соработката на полето на инвестициите. Тој зборуваше и за актуелните политички и економски прашања поврзани со Македонија и регионот, информираат од владината прес-служба.

Посебен акцент беше ставен на темата економија, при што премиерот Груевски се задржа на реформите и поволностите за инвестирање кои Република Македонија ги нуди на глобалните компании, вклучително и кинеските, кои се дел од една од најбрзорастечките економии во светот која продуцираше огромен раст на бруто националниот производ на Кина. Груевски во интервјуто ги објасни серијата на мерки и поволности кои им се нудат на инвеститорите, како што се ниските даноци и трошоци за правење на бизнис, како и скратените и олеснети административни процедури вклучувајќи ги поволностите за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони кои се достапни за странските компании.

Македонскиот премиер во интервјуто ги повика кинеските компании да инвестираат во Македонија и посочи дека нивните инвестиции се добредојдени во нашата држава која може да ја искористат како поволна позиција и порта за инвестиции и производство и за продажба на производи на европскиот пазар. Во тој контекст, премиерот Груевски ја истакна и поволната отворена опција за можност за креирање на специјализирана технолошко индустриска развојна зона наменета само за кинески компании кои се заинтересирани да инвестираат во нашата земја и оттука да го покриваат европскиот пазар.

Груевски во интервјуто говореше и за предизвиците на глобалната економија и механизимите и начините за справување со влијанијата од регионалните негативни економски текови, при што информираше и за економските реформи кои се преземаат од страна на Република Македонија во насока на овозможување на услови за економски раст и развој.

Посетата Груевски на Народна Република Кина наидува на голем медиумски интерес во Пекинг. Досега, освен премиерот Груевски, интервју за програмата на кинеската телевизија CCTV дале повеќе светски политички лидери, сопственици на глобални компании и економски експерти меѓу кои и претседателот на Франција Франсоа Оланд, бразилската претседателка Дилма Русоф, претседателот на Казахстан Нурсутан Назарбаев, поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер, претседателката на ММФ Кристин Лагарт, поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, основачот на Мајкрософт Бил Гејтс и многу други лица од областа на политиката, бизнисот и општеството.

Интервјуто беше водено од страна на новинарот Руи Ченганг, кој е еден од водечките новинари на CCTV.

gruevski_cctv2