Објавена првата книга поезија од Викторија Симоноска од ОУ „Братство Единство“

„Елементи на животот“ е првата книга поезија која ја напиша IX одделенката Викторија Симоноска, ученичка во ОУ „Братство- Единство“, Охрид. Викторија вели дека мотив за да ја напише оваа книга и биле нејзините родители и секојдневните случувања во животот.

„Мотив за да ја напишам оваа книга ми беа родителите и секојдневните случувања во животот, затоа и насловот на книгата е „Елементи на животот“Оваа книга започнав да ја пишувам пред една година, со месеци стоеше во мојата соба, па после долго време решив да ја однесам кај вработениот во библиотеката, Смиле Наумоски, исто така познат писател. Тој ми помогна целата книга да ја завршам за 6 месеци. Јас се надевам дека ќе продолжам да пишувам и понатаму.“ – вели Викторија.

ViktorijaSimonoska1

Рецензентот на книгата, Смиле Наумоски Брсјак вели дека и покрај тоа што ова дело е нејзиниот прв поетски проблесок, Викторија храбро и успешно влегува во просторот на книжевната уметност.

„Викторија на крајот, пред завршувањето на деветтото одделение, со објавувањето на книгата поезија „Елементи на животот“ ни приреди пријатно изненадување. Од првичниот увид во содржината, судејќи според насловите на песните кои што воедно ги именуваат поетските мотиви, се добива впечаток дека авторот ќе ни понуди мисловно рефлексивна поезија што ќе ги детерминира, објаснува и отсликува: љубовта, надежта, гневот, добрината, другарството, страдањето, сомневањето… но тука како изненадување сретнуваме лиричен стих од кој се исткаени песните, умерено зачинети со мудри пораки и рефлексии. Токму заради оваа одлика, поезијата што ни ја подари Викторија Симоноска во својот првенец „Елементи на животот“ може да се нарече комплетно и живо битие. Ова доаѓа како белег уште посилно со тоа што на читателот, веднаш, по првото прочитување му е јасно дека Викторија ги опева сопствените емотивно-мисловни искуства“– вели Наумоски Брсјак.

ElementiNaZivotot

Надеж

Колку надеж е потребна

во време

кога човекот заборава дека е човек

не се сеќава од каде доаѓа и каде оди

не му значат ништо

туѓите радости и туѓите страдања.

Колку надеж е потребна

во време

кога секој живее во самотија?!

Првата искра и првиот патоказ

за мојот прв чекор кон утре

сепак ќе биде биде

надежта.

Среќа

Додека снегулките
паѓаат на земјата,
јас како птица
се чувствувам
патувајќи кон небото.
Таму ќе се стопам
во небесните убавини.

Книгата е обилие од естетика, убавина која што говори дека е дело на надарен творец и ветува нови и повисоки достигнувања.

WebOhrid