Вложувањето во безбедноста на сообраќајот на патиштата можност за големи заштеди

За исплата на штети настанати од сообраќајни несреќи се одлеваат дури 2 до 3 отсто од македонскиот БДП годишно.Овој процент може значително да се намали доколку осигурителните компании почнат да вложуваат во подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Ова е главната порака што ја упати д-р Алан Рос, креаторот на декадата на ОН за безбедноста во сообраќајот на патиштата и главен консултант на Светска банка за безбедноста на сообраќајот на патиштата, на тркалезна маса на тема „Улогата на осигурителните компании во градењето на култура и етика во сообраќајот и зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата“, организирана од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. 

Тој им препорача на осигурителните компании во Македонија да вложуваат во подобрувањето на безбедноста на сообраќајот на патиштата не за да бидат хумани, туку за да остварат поголем профит.

„Со вложувањето во безбедноста на сообраќајот на патиштата осигурителните компании со текот на времето можат да ги зголемат своите приходи за 7 до 8 пати поради намалувањето на исплатата на штетите настанати од сообраќајните несреќи“, рече Рос.

Тој посочи дека во Фиџи пред седум години осигурителните компании се решиле 10 отсто од своите приходи да ги вложат во подобрување на безбедноста на сообраќајот што резултирало со 50 отстотно намалување на исплатата на штети. Сличен е, рече, и примерот во Австралија каде осигурителните компании одвојуваа само 3 отсто од приходите за подобрување на безбедноста во сообраќајот што резултира со зголемување на нивните годинши приходи од 100 милиони долари.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска која се обрати на тркалезната маса порача дека поголема безбедност во сообраќајот ќе значи помалку жртви и трагедии и помалку штети.

„Верувам дека инвестирањето во неа е заеднички интерес и потребно е вклучување и на осигурителниот сектор во соработка со државните институции. Ние сме силно обврзани не само да се обидуваме, туку конкретно и упорно да дејствуваме во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот. Искрено жалам што јавноста соочена со трагични вести, како неодамнешната во Куманово кога во еден момент изгубивме шест животи, најчесто само тогаш ја прифаќа и има разбирање за полициската строгост и репресивност во поглед на прекршителите на Законот за безбедност на патиштата“, рече Јанкулоска.

Токму ваквите настани, додаде, откриваат уште еден важен аспект од сообраќајот кој секогаш ни бега или е во позадина на перцепцијата на проблемот, а тоа е материјалната штета од сообраќаните незгоди.

„Факт е дека човечките животи немаат цена, но не смееме да ги игнорираме ниту останатите последици кои се далеку од занемарувачки. Почнувајќи од медицинските трошоци за лекување, па се до материјалната штета, според проценките во некои земји, овие финансиски импликации од сообраќајните незгоди изнесуваат и до неколку проценти од годишниот буџет. Во наши услови тоа би значело стотици милиони евра, кои заради непознавање или непочитување на сообраќаните правила и прописи се излеваат од приватните џебови или од државната каса“, нагласи Јанкулоска.

Јанко Николов еден од извршните директори на Евроинс, еден од соорганизаторите на трибината рече дека како осигурителна компанија ќе се залагаат за стандардизација во решавањето на материјалните и нематеријалните штети кои, како што нагласи, се значаен дел од безбедноста во сообраќајот на патиштата.

„Имаме посебна законска легислатива која не обврзува да исполнуваме одредени прописи. Самиот факт што сме дел од  денешниов  настан покажува дека сме подговтвени за соработка. Сепак сме далеку во делот на вложување во безбедноста во сообраќајот, но тоа не значи дека не работиме на такви проекти“, рече Николов.   

Проф. д-р Милан Вујаниќ од Факултетот за безбедност во сообраќајот од Белград истакна дека бебедноста на сообраќајот е единствената човечка дејност во која сите се рамноправни.

„Уште кога ќе ја отвориме вратата од куќата и ќе излеземе надвор ние сме вклучени во сообраќајот и затоа сите сме заинтересирани за бзбедноста во сообраќајот. На семафор дури и претседателот на државата мора да чека со автомобилот додека е црвено се додека не помине малолетно дете кое има зелено светло“, изјави Вујаниќ.

Тој посочи дека досега не е покажано доволно внимание на безбедноста на сообраќајот и додаде дека може многу повеќе да се постигне на тоа поле, бидејќи, како што рече, многу не чини заради разните давачки предизвикани од несреќите во сообраќајот.

МВР, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е должно да се грижи за почитување на одредбите од оваа регулатива, вклучително и на нормите кои се однесуваат на учеството на нерегистрирани возила во сообраќајот, санкционирање на прекршителите, исклучување на таквите возила од сообраќај и слично.

Во 2011 година по основ на нерегистрирани возила МВР прекршочно санкционираше 16.901 возач, додека од сообраќај беа исклучени 11.581 возило. Лани, пак, беа поведени прершочни постапки против 18.507 возачи, а зголемена беше и бројката на исклучени возила од сообраќај – 14.151 возило. Во 2011 година евидентирани се 41 неосигурено возило кои учествувале во сообраќајни незгоди, а минатата година тој број изнесува 46. Во првите четири месеци од годинава прекршочно се санкционирани 3.261 возач во споредба со 3.819 возачи за истиот период лани, а од сообраќај се исклучени 2.055 возила, додека лани бројката изнесуваше 2.833 возила. Лани во првите четири месеци регистрирани беа 17 неосигурени возила учесници во сообраќајни несреќи, а годинава за истиот период само – седум.