Министерството за внатрешни работи вчера ја реализираше оперативната обработка „Винкор“ со која беше откриена меѓународна криминална група која подолг период наназад се занимавала со криминал со кредитни картички. Сите оштетени кои биле жртви на оваа група, а за кои досега поседуваме докази се македонски државјани, а нивните сметки, осомничените се обиделе да ги олеснат за сума од над 4,5 милиони денари.
Денеска (04.07.) до Основното јавно обвинителство во Прилеп е поднесена кривична пријава против пет македонски и еден бугарски државјанин. Сите македонски државјани се од Прилеп на возраст од 22 и 24 години, додека бугарскиот државјанин е на возраст од 30 години. Петтемина се товарат за сторени кривични дела – “правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ и “изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Според сознанијата до кои дојде истрагата, пријавените со цел да се стекнат со противправна имотна корист во периодот од декември минатата до јули оваа година, неовластено прибавиле уреди за снимање на банкарски податоци-скимери како и банкарски податоци од вистински платежни картички и податоци за носители на тие платежни картички. Со помош на уредите и украдените податоци изработувале лажни платежни картички, со што ги сториле кривични дела – “правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ и “изработка и употреба на лажна платежна картичка“.
Иако не може да се исклучи дека постоеле и други случаи, досега е документирано дека пријавените во 19 наврати монтирале „скимер уреди“ на банкомати марка “Wincor“ на домашни банки, лоцирани во повеќе градови во Р. Македонија (Скопје, Прилеп, Неготино, Битола и Охрид), при што прибавиле податоци од 829 платежни картички кои ги употребиле за изработка на фалсификувани платежни картички со кои извршиле вкупно 475 успешни нелегални трансакции во износ од приближно 2 милиони денари и 574 неуспешни нелегални трансакции во износ од над 2 600 000 денари.
Кога не можеле некоја трансакција да ја реализираат во земјава, пријавените лица со фалсификуваните платежни картички вршеле нелегални трансакции на банкомати и на продажни места во други земји од регионот како Р.Бугарија и Р.Србија, но и во земји како Малезија, Перу и други. Регистрирани се и случаи кога податоците на украдените платежни картички од вистински носители на платежни картички ги продавале преку Интернет со кои пак податоци биле вршени нелегални трансакции од страна на непознати лица.
Во текот на вчерашниот ден, по претходно обезбедени Наредби од Истражен судија извршени се шест претреси во Прилеп во домовите и други објекти на пријавените лица. При извршените претреси во домовите на пријавените лица, пронајдени се 4 скимери, 1 уред за изготвување на фалсификувани кредитни картички, 55 фалсификувани платежни картички и друга опрема за правење и подготовка на скимери. Исто така, е пронајден еден лап топ компјутер којшто е користен за подготовка на фалсификувани кредитни картички и два деск топ компјутери.
При претрес во домот на еден од осомничените е затекнат и 30 годишниот бугарски државјанин, кој при последниот триденвен престој во земјава, поставил 2 уреди –скимери на банкомати на домашни банки во Прилеп. Исто така, од преземените мерки и активности е утврдено дека тој често доаѓал во Р.Македонија, при што во текот на изминатите месеци заедно со останатите пријавени лица поставувале скимери на банкомати во повеќе градови во Р. Македонија. Истиот бил задолжен за испраќање на податоците преку Интернет во други земји заради нивна понатамошна злоупотреба.
Тројца од пријавените македонски државјани веќе и се познати на полицијата бидејќи и порано против нив се воделе постапки за кривични дела од областа на злоупотреба и фалсификување на платежни картички.