Градоначалникот Никола Бакрачески денеска го посети градскиот базен, непосредно пред отпочнувањето со работа на пливачката школа „Делфина 2012“ чии тренинзи ќе се одвиваат на базенот „Атина Бојаџи“.
Пливањето и ватерполото се спортови кои што на нeкој начин го одбележуваат спортскиот живот во Охрид во изминатите неколку децении.
„Денес на еден свечен начин ја отпочнуваме летната школа за пливање која што претставува еден вид континуитет од школата за пливање која што започна со работа изминатата година и подучуваше дури 200 деца од градот Охрид и околината на почетните техники на пливање. Оваа година бројот порасна на 250. Тука се вклучени деца кои што веќе подучуваат врвни техники и секако 80 деца кои што ги прават првите чекори во пливањето“, – истакна градоначалникот Никола Бакрачески.
Тимот во пливачката школа, на чие чело е професорката Соња Думбалоска- Делова, го сочинуваат пливачки имиња кои што во деведесетите години нижеа врвни резултати на републички и меѓународни натпревари.
Притоа, градоначалникот се заблагодари за ентузијазмот и посветеноста на проф. Соња Думбалова за која што како рече вложуваше да го издигне овој спорт и да го врати на старите позиции. Бакрачески изрази благодарност и до ЈП „Билјанини Извори“ за напорите кои ги вложи за овој временски период да го уредат овој простор и да го направат пристоен, не само за пливање туку и за рекреација на децата и на останатите.
Како локална самоуправа и како градоначалник приоритет на Бакрачески е пливањето и пливачките спортови во Охрид конечно да го вратат сјајот.
„Ова е уште еден доказ за нашите напори да вложиме се од себе да го подигнеме спортот на повиско ниво во општина Охрид, а пред се пливањето и ватерполото. Охрид мора да го врати сјајот на пливањето и мора да ги врати шампионите на нашите базени“, – нагласи Бакрачески.
Бакрачески смета дека со изградбата на затворениот пливачки базен и со реставрацијата на овој отворен пливачки базен ќе се создадат идеални услови за Охрид и во овој град да се раѓаат не само таленти туку и големи шампиони од македноско, балканско и пошироко значење.
WebOhrid