И покрај тоа што беа подобри во речиси целиот тек на мечот, избраничките на Александар Домлевски на крајот загубија од Португалија со 55-53 во тесната завршница на ЕП во Албена. Серијата од 13-0 на Португалките на почетокот на четвртата четвртина беше кучна за конечниот исход.
Одлично играше во одбрана репрезентацијата на Македонија во целиот тек од првото полувреме, па и покрај тоа што нападот не одеше според очекувањата против најголемиот фаворит на Првенството, нашите девојки ја завршија првата четвртина со водство од 7-6. Португалија го превзема водството во вториот период од играта, но и натаму се играше изедначено и генерално кош-за-кош, со што на полувреме се замина со изедначени 23-23.
Иако повторно избраничките на Домлевски имаа доста загубени топки, успеаја со многу борбеност и цврстина да ја добијат битката под кошевите со своите пореномирани противнички, а предводени од Александра Стојановска и Анџелика Митрашиновиќ во нападот, стигнаа и до највисоки 7 поени предност (42-35) на крајот на третата четвртина. Сепак, Португалија имаше импресивен старт на четвртата четвртина, а Македонија првите поени ги постигна по повеќе од 6 минути игра.
Португалките направија серија од 13-0 и поведоа со шест поени предност, па иако Митрашиновиќ и Стојановска со неколку реализации до крај резултатски го доближија нашиот тим, немаше време за пресврт. Португалија ги погоди своите слободни фрлања и многу малку време остана за завршен шут на Митрашиновиќ, со што натпреварот заврши со победа на Португалија од 55-53.
Александра Стојановска со 17 поени и 9 скокови беше најефикасна во нашиот тим, додека Митрашиновиќ постигна 12 поени со 6 аскокови и 5 асистенции. Нена Трајчевска (9), Драгана Јоловиќ (7), Лефтерија Темелкова (6) и Ивона Пејковска (2) уште се запишаа во листата на стрелци. Кај Португалија, најдобра беше Алмеида со 17 поени.
Ова беше втор пораз за Македонија на четвртиот натпревар на Европското првенство, но ќе остане во горниот дел од табелата. Утре нашиот тим е слободен, додека следниот меч го игра во среда против домаќинот Бугарија.