Владина економска делегација, предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, во рамки на економска посета на Париз на бизнис форум ги презентираше поволните услови за водење бизнис во Република Македонија.
Како што соопшти кабинетот на Пешевски, за време на форумот вицепремиерот ги истакнал поволностите за водење бизнис, посочувајќи ја поволната деловна клима во земјата, притоа осврнувајќи се кон придобивките за странските компании како што се пристапот до 660 милиони потрошувачи, обезбеден преку договорите за слободна трговија, како и најнискиот даночен пакет во Европа и стабилното макроекономско опкружување.
Вицепремиерот Пешевски ги претстави потенцијалите за инвестирање во инфраструктурата и енергетскиот сектор и воедно, како што стои, се осврна и на владините заложби за јакнење на потенцијалите за инвестиции како и на тековните реформи во државните институции, образованието и инфраструктурата кои се насочени кон унапредување на условите за водење бизнис и обезбедување на поголем развој на македонската економија.
На форумот се обратија и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, кои се дел од делегацијата.
Министерот Павлески, говореше за инвестициските можности во земјоделскиот и ИТ секторот и ги престави идните мерки кои ќе ги унапредат состојбите во овие сектори.
Директорот на ДТИРЗ Мизо, со својата презентација ги информираше присутните за поволностите со кои се стекнуваат странските инвеститори присутни во технолошко – индустриските развојни зони, како што се даночното ослободување за реинвестирана добивка и ослободувањето од данокот на добивка и данокот на доход во првите 10 години. Мизо особено го нагласи потенцијалот за инвестирање во туристичките развојни зони и туристичкиот сектор.
За време на форумот свое обраќање имаа и претставници на француски компании кои се веќе присутни во Македонија, при што пред нивните сонародници ги презентираа позитивните бизнис искуства стекнати при водењето бизнис во Македонија.
Владината делегација за време на престојот оствари повеќе поединечни средби со претставници на француските компании и комори, кои изразија иницијален интерес за инвестирање во Македонија.
Форумот е организиран од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија во соработка со Убифранце – Француска агенција за меѓународен развој на бизнисот, основана од француското Министерство за економија, финансии и индустрија, се наведува во соопштението.