По повод Светскиот ден за борба против малото и лесно оружје, Министерството за внатрешни работи во координација со Министерството за правда и Агенцијата за управување со одземен имот во печките на “Југохром” во Јегуновце, спроведе акција за уништување на запленети наркотични дроги и оружје од случаи за кои претходно се донесени правосилни судски пресуди. Во однос на запленетата дрога и оружје, вкупно се уништија околу 345 парчиња оружје, во најголем дел автоматски пушки и пиштоли, гасни пиштоли и друго малокалибарско оружје како ловечки пушки, ловни карабини, воздушни пушки и слично, 226 килограми марихуана, нешто над 60 килограми хероин, околу 15.000 таблети екстази и помала количина кокаин.
Министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска потенцираше дека ова веќе е традиционално уништување на запаленети предмети од кривични дела. Таа истакна дека со оваа акција уште еднаш на јавен транспарентен начин се уништија оружјето и дрогата од кривични дела за кои е завршена судската постапка со правосилна судска пресуда.
„Со решение за формирање на комисијата од Министерството за правда што ја следеше целата постапка и во соработка со Агенцијата за конфискуван имот и МВР на јавен и транспарентен начин постапивме и се ослободивме од оружјето и дрогата од за кои веќе имаме правосилни пресуди. На секое следно барање на Агенцијата за конфискуван имот ние ќе формираме соодветна комисија за уништување на наркотични средства, оружје и други материјали“, изјави Министерот за правда Блерим Беџети.