Министерот за одбрана Талат Џафери и претседателот на Синдикатот на одбраната и безбедноста Ристо Ајтов денеска потпишаа колективен договор со кој се уредуваат, односно доуредуваат правата и обврските на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.
Целта на овој договор, нагласи министерот Џафери, е да се предвидат одделни поповолни права за вработените, од оние определени со Законите за работни односи, за служба во АРМ, за јавни и државни службеници, за Воена акадмија и други прописи кои ја определуваат правната рамка на МО.
Колективниот договор вклучува одредеби за права на работниците и нивната положба, осигурување, плата и надоместоци на плата, нивно информирање, материјална одговорност, школување и стручно усовршување, синдикално организирање, престанок на работен однос…
„МО посветува големо внимание на правата на вработените, но во континуитет се работи и на унапредување на условите за работа како предуслов за поголема мотивираност, ефикасност во извршвуањето на сите работни обврски и надлежности“, изјави министерот Џафери.
Според претседателот на синдикатот Ајтов, од 2006 година досега постоел правен вакум во правната регулатива за социјалниот дијалог и затоа денеска е остварен еден од приоритетните цели на синдикатот.
„Воведовме прв пат слободен платен работен ден за сите родители кои имаат на 1 септември запишување на прваче. Во однос на исплаќањето надоместоците е зајакната законската рамка, така што ако не бидат испочитувани временските рокови, вработените имаат правна заштита“, појасни претседателот на синдикатот.
Ајтов денеска му додели на министерот Џафери плакета за придонес во јакнењето на социјалниот дијалог меѓу МО и Синдикатот за обрана и безбедност.
Одговарајќи на новинарско прашање за направените анализи за можноста за проширување на надлежностите на министерот во однос на униформираните лица во МО, Џафери потенцира дека нема да коментира од аспект на медиумско гледиште.
„Основна идеја е дека е потребно одредени лица кои што се поставени на работни места според систематизацијата во МО, во определено време и термин, да можат да се ротираат за да можат од аспект на стручното нивно работење и придонес во единиците да можат да го почувствуваат животот во единиците“, појасни министерот Џафери, додавајќи дека министерот раководи со МО и со АРМ, а не командува со Армијата.
Министерот Џафери меѓу другото информира дека униформата за АРМ предвидена за оваа година е во завршна фаза, дел е веќе доставен до единиците, а до почетокот на септември се очекува да се заокружи вкупниот предвиден број униформи до нова година, по што ќе се продолжи со потребните набавки за армијата.