Подигнување на јавната свест за концептот на еднаквост и недискриминација, како и унапредување на законската регулатива и националните механизми за заштита од дискриминација во борбата против дискриминацијата, е целта на проектот „Од норма до пракса“, кој „Полио Плус“, поддржан од ЕУ преку Прогрес-програмата го спроведува во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Комисијата за заштита од дискриминација.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на прес-конференцијата на која беше промовиран проектот рече дека трет пат во пет години, но овој пат во исклучително тешка конкуренција, Македонија го доби проектот во Прогрес програмата за вработување и социјална солидарност на ЕУ.
„Овој проект е најголем. Буџетот на проектот изнесува 269.000 евра од кои 217.000 се поддршка од Европската комисија. Останатите средства во висина од 55.000 евра се заедничко учество на Министерството со 15.000 евра, МЦМС со 18.000 евра и Полио Плус како носител со 22.000 евра“, посочи Спасов.
Тој истакна дека ќе спроведат низа активности за подигнување на јавната свест за концептот на еднаквост и недискриминација, како и на унапредување на законската регулатива и националните механизми за заштита од дискриминација.
„Планирано е организирање трибини, обуки, работилници, телевизиски дебати, подготвување на публикации, брошури, отворање бесплатна линија каде граѓаните ќе можат да пријават дискриминација. Со цел да се подобри статусот на најранливите категории граѓани и да се обезбеди континуиран развој во остварувањето на еднаквоста и недискриминацијата, Владата ја донесе Националната стратегија за еднаквост и недискриминација. Во соработка со Британскиот совет изработен е и Водичот за спроведување на Националната стратегија“, додаде Спасов.
Програмскиот раководител на „Полио Плус“, Елена Кочовска истакна дека човековите права, еднаквоста, недискриминацијата не се зборови на хартија, тие се, како што рече, одговорност која сите ја делиме пред самите себеси, кон своите семејства, кон своите пријатели, па дури кон својата држава.
Претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски рече времето во оваа ера на цивилизациски и технолошки напредок итн., не дозволува кој било граѓанин, поединец, група граѓани да се наоѓаат во нееднаква положба и да имаат нееднаков третман.
„Сето ова треба да профункционира. Имаме систем, имаме закон, но знаеме дека тешко оди со голем дел од имплементацијата на законите. Комисијата е ставена во фокусот да се подобрат нејзините капацитети, можностите и начините како да допреме до сите останати механизми, до граѓаните, да знаат дека имаат простор каде да се јават и дека ќе ја добијат потребната заштита“, додаде Миновски.