Свечена заклетва на дваесеттата генерација војници на доброволно служење воен рок

Денес во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“, 74 граѓани на Република Македонија, од кои 10 припаднички на понежниот пол, дадоа свечена заклетва за доброволно служење воен рок.

По тој повод министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, честитајќи им на војниците-доброволци за дадената заклетва порача дека во наредните три месеци тие на практичен и теоретски начин ќе се здобијат со голем квантум на нови знаења и вештини кои ќе бидат нераскинливо врзани за потенцијалот на секој од нив.

„Со вашите новостекнати способности, вие ќе бидете темелот на идниот општествен развој, бидејќи капацитетите на секој човек се најголем ресурс за постојан напредок“, додаде министерот Џафери.

Воедно, во своето обраќање министерот истакна дека процесот на напуштање на традиционалниот регрутен систем и воведувањето на доброволниот систем на пополна и на целосна професионализација на Армијата, чиј предводник во регионот на ЈЕ Европа беше токму Република Македонија, се покажува како голема придобивка во процесот на реформи и развој.

Сите оние кои ќе донесат одлука да бидат дел од професионалниот состав на АРМ, истакна министерот, директно ќе придонесат кон етаблирањето на есенцијалните вредности на новиот век – мирот, демократијата и еднаквоста на глобално ниво.

„Вие сте дел од генерациите млади луѓе, и дел од припадниците на Армијата на Република Македонија кои ја градат нејзината историја и чии дела се посветени на највредното што го имаме – Република Македонија“, порача во своето поздравно обраќање началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески.

Генералот Котески пред војниците-доброволци додаде дека во касарната во Велес, на полигоните и на вежбалиштата тие ќе се стекнат со неопходните знаења и вештини кои ќе бидат појдовна основа за нивно ангажирање во единиците на Армијата, но и добра платформа за навлегување во тајните на војничката професија.

Обуката на војниците на доброволно служење воен рок се реализира во период од три месеци во Центарот за индивидуална обука, кој е во рамките на Командата за обука и доктрини на Армијата на Република Македонија.

SvecenaZakletva2