Женската репрезентација на Македонија до 20 години денеска го одигра претпоследниот натпревар на Европското првенство во Бугарија, а по поразот од Летонија од 71-48 и теоретски ги загуби шансите за пласман на некое од првите три места кои водат во А-дивизијата.
Уште од самиот почеток Летонија ги контролираше случувањата на теренот и резултатот, со што по само шест минути игра веќе водеше со 17-4. Тешко се снаоѓаа во напад избраничките на Александар Домлевски, а Летонија знаеше како да го искористи тоа што нашите кошаркарки го играа веројатно и најслабиот натпревар досега на Првенството и ја заврши првата четвртина со висока предност од 25-8. Ја подобри играта во одбрана нашата репрезентација до полувремето, кога успеа да намали на 34-21, но со нова серија поени веднаш на стартот на второто полувреме, Летонија поведе со преку 20 поени разлика, по што стануваше јасно дека нашите кошаркарки нема да добијат прилика за пресврт. Во рутинската завршница, Летонија го задржа водството за конечна победа од 71-48.
Вкупно 22-те загубени топки, како и 19-те скокови помалку на нашиот тим во однос на противникот се главна причина за високиот пораз, додека и реализацијата не беше на посакуваното ниво со само 27,6 проценти од поле. Анџелика Митрашиновиќ го заврши и овој натпревар со дабл-дабл учинок како најефикасна во нашиот тим, реализирајќи 14 поени со 11 скокови. Александра Стојановска додаде 8 поени со 7 скокови, Иванова и Темелкова постигнаа по 7 поени, Трајчевска заврши со 6, а поени постигнаа уште Павловска (4) и Лазареска (2). Во тимот на Летонија, најдобра беше Лагздина со 20 поени и 12 скокови.
Со овој пораз, репрезентацијата на Македонија и теоретски ги загуби шансите за пласман во А-дивизијата на коло до крајот од Првенството. Ова беше четврти пораз за Македонија во седумте одиграни натпревари и втор по ред, со што моментално се наоѓа на петтата позиција на табелата, додека само првите три екипи патуваат ранг погоре. И покрај денешниот слаб меч, останува позитивниот впечаток за вкупниот настап на нашите млади кошаркарки на Европското во Бугарија, кој служи како најава за уште подобри резултати во иднина. За крај на Првенството, утре, нашата репрезентација ќе го одигра последниот меч против единствената досега непоразена екипа, селекцијата на Белгија. Тој натпревар почнува од 15.00 часот по македонско време.