Средношколците од Електро-машинскиот училиштен центар „Свети Наум Охридски“ од Охрид денеска се запознаваа со видовите риби што живеат во Охридското Езеро.
Оваа активност е дел од проектот за презентација на рибите во Охридското Езеро што го спроведува Здружението „Јадрански слив“ во основните и средните училишта во Охрид и Струга.
Според Радован Димитриевски, претседател на Здружението, ваквите предавања кои неодамна стартуваа во основното училиште „Христо Узунов“ имаат позитивен ефект кај младите, но и кај повозрасните кои имаат недоволни знаења за живиот свет што живее во езерото.
„Навистина ме радува што овие предавања кои ги започнавме во основните, а ги продолжуваме и во средните училишта имаат ефекти врз знаењата на учениците. Веќе се чувствува дека тие ги разликуваат видовите риби, а тоа ни беше и целта на овие предавања – учениците од Охрид и Струга да научат колку што е можно повеќе информации за фауната во Охридското Езеро“, рече Димитриевски.
Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, појасни дека едукацијата треба да биде континуирана а еколошкото образование треба да биде дел и од воспитно-образовниот процес.
„Колку повеќе ја пренесуваме борбата за заштита на Охридското Езеро и живиот свет во него, толку повеќе имаме шанси навистина квалитетно и трајно да го заштитиме и езерото и неговиот слив за да може потоа од сето тоа да креираме иднина за целокупниот регион“, истакна Пановски.
Директорот на ЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ Јане Цаноски, нагласи дека езерото е грижа на сите заедно и затоа треба да се знаат сите најважни нешта поврзани со флората и фауната во него.
„Охридското Езеро е национално богатство и мора да покажеме грижа од најмала до најголема возраст за флората и фауната во него. Токму затоа, околу 120. ученици од нашето училиште денеска ги добививаат најважните податоци и информации за живиот свет во езерото“, рече директорот на ЕМУЦ Јане Цаноски.
Проектот за презентација на видовите риби во Охридското Езеро е финансиран од АД Електрани Македонија и во негови рамки е подготвена и брошура со слики и податоци за рибниот свет.
Извор: Супер радио