Можноста за повторен упис на винарниците во Винскиот регистар е од корист и за лозарите и за винарниците

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев, на прес-конференција истакна дека Владата на Република Македонија на минатата седница го усвои Предлог законот за измени и дополнување на Законот за вино, чија суштина се состои од предвидување на можноста за повторен упис во Регистарот на вино за оние малку винарници кои биле избришани од него заради неисполнување на роковите за подмирување на обврските кон лозарите, а кои во меѓувреме ги исполниле истите тие обврски.

Регистарот на производители на вино беше воспоставен со цел да бидат регулирани и ставени во правна рамка односите помеѓу производителите на вино (винарските визби) и производителите на грозје (лозарите) се со цел да биде надминат деценискиот предизвик кој постоеше помеѓу винарниците и лозарите и се огледаше во неисполнување на обврските од дел од винарниците кон лозарите, и како таков Регистарот ги постигна предвидените цели.

Имено, секоја винарница има обврска најдоцна до 30 април во тековната година да ги исплати сите обврски кон лозарите од кои има откупено грозје во претходната година, и за тоа да поднесе финансиски извештај до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, и на тој начин да продолжи да остане впишана во Регистарот на производители на вино, а доколку не ги подмири обврските кон лозарите таа се брише од Регистарот на производители на вино. Со самото бришење од Регистарот на производители на вино, на винарската визба која е избришана и се забранува да откупува грозје или да произведува вино во наредниот период, односно значително се намалуваат можностите за нејзино функционирање во економско-правниот промет.

Со воведувањето на Регистарот и овие обврски се воведе ред во односите помеѓу винарниците и лозарите и најголем дел од десетиците винарници ги имаат подмирено обврските кон лозарите, а само 4 субјекти не ги имаа во целост подмирено обврските и затоа беа избришани од Регистарот.

По оваа регулација и по позитивниот ефект на Законот за вино и Регистарот на производители на вино во однос на исплатата на обврските на најголем дел од винарските визби кон лозарите, и докажувањето на исправноста на предвидените норми кои ги уредија и стабилизираа односите и пазарните правила, сега се појави и увиде потреба да се даде втора шанса на винарските визби кои беа избришани од Регистарот, но потоа ги имаат исплатено своите обврски кон лозарите. Со цел и да се придонесе кон создавање услови за поголема конкурентност на пазарот на грозје и вино што ќе е од интерес и за самите лозари, се наметна потребата за измена на законот, која ќе овозможи избришаните производители на вино кои ги имаат во целост подмирено своите обврски кон производителите на грозје повторно да бидат впишани во Регистарот на производители на вино, што ќе е во интерес и на долгорочна стабилизација на пазарот на грозје и вино во Република Македонија.

По донесувањето на овие измени на Законот за вино од страна на Собранието, винарската визба која била избришана од Регистарот на производители на вино, а во меѓувреме ги подмирила сите обврски кон лозарите и сака повторно да изврши упис во регистарот, во рок кој не е подолг од 90 дена од усвојувањето на законот во Собранието, ќе треба да поднесе барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопснство во кое ќе наведе дека ги има исполнето следните критериуми:

-дека ги има исплатено сите неисплатени финансиски обврски кон лицата од кои има купено винско грозје во претходната година, во кои се вклучени сумата на основниот долг и казнена камата согласно Законот за облигациони односи за периодот од 30 април во тековната година до моментот на целосната исплата на обврската;

-да плати надоместок за повторен упис на сметка на Буџетот на Република Македонија во висина од 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година;

-дека ги исполнува условите кои се предвидени за иницијално впишување во Регистарот за производители на вино.

На пример, под претпоставка дека една винарска визба во текот на 2012 година откупила винско грозје во вредност од 10 милиони евра, а до 30 април 2013 година на лозарите, односно на лицата од кои го откупила винското грозје им исплатила 9 500 000 евра, тогаш таа по сила на законот била избришана од Регистарот на производители на вино. Доколку таа го исплатила заостанатиот долг кон лозарите од 500 000 евра до на пример 30 мај, и доколку сега сака повторно да се запише во Регистарот, тогаш таа винарска визба треба да достави документи до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дека ги исплатила тие заостанати 500 000 евра долг кон лозарите и дека ја исплатила законската затезна камата кон лозарите пресметана за период од 30 април до 30 мај, и ќе треба да уплати 50 000 евра во Буџетот на Република Македонија (односно 10% од заостанатиот долг заради кој била избришана од Регистарот), и сето тоа да го направи во период најдоцна до 90 дена по донесување на законот за да би можела да биде повторно впишана во Регистарот на производители на вино, и на тој начин да се стекне со право да откупува грозје и да произведува вино.

За оваа можност, Владата направи консултација со лозарите и доби позитивно мислење од нив, и затоа ги информираме винарските визби кои биле избришани, а сега имаат намера да бидат повторно впишани во Регистарот да се подготват за упис и да ги исполнат сите критериуми. Со воведување на можноста се дава придонес кон стопанските субјекти и цениме дека со неа ќе се придонесе кон дополнително подобрување на условите на пазарот на вино и грозје, дека од неа ќе имаат корист и лозарите преку добивање на можност да го пласираат своето грозје кон поголем број на субјекти, и ќе имаат корист и винарските визби затоа што се дава можност за подобрување на конкурентноста.