СВР Охрид со низа безбедносни мерки за сигурност на граѓаните и туристите

Десет возачи на патнички моторни возила, викендов во Охрид се исклучени од сообраќај бидејќи управувале возила под дејство на алкохол. Возачите од Охрид, Струга и Скопје се затекнати при ноќната акциска контрола што на 13-ти овој месец ја реализираше охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај. Нив им се одземени возачките документи и издадени им се налози за наплата на глоба.

Во акциската контрола реализирана во содејство со криминалистичката полиција во која контролирани се вкупно 145 патнички и други моторни возила, пронајдено е и одземено едно огнено оружје пиштол марка „Црвена застава“ кое лице од Струга нелегално го поседувало. 

Викендов контролирани беа и угостителските објекти и ноќни клубови, а пронајден е сторителот на казнено дело загрозување на сигурноста. Засилените активности на СВР Охрид имаа за цел зголемување на степенот на безбедноста на целото подрачје и елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир, вршење кражби, откривање лица со непријавен престој и теренски увид на сообраќајот на повеќе сообракајници низ градот. 

Овие законски мерки, покрај во Охрид, координирано се реализираа и во Струга, Кичево и Дебар. Активностите беа спроведувани самостојно но и во соработка со државниот пазарен инспекторат, оделенијата за инспекциски надзор, подрачните единици на Министерството за животна средина и општинските центри за социјални работи. Во содејство со секторот за туризам и угостителство во Охрид извршени се контроли кај нелегални станоиздавачи во градот.

Викендов СВР Охрид евидентира неколку кражби на мобилни телефони, фотоапарати, паричници и други предмети оставени необезбедени по плажите на охридското крајбрежје. Оттука со цел намалување на овие дела, по крајбрежјето превентивно беа поставени повеќе полициски инспектори. 

Заради целосна безбедност на граѓаните и туристите, СВР Охрид и понатака ќе продолжи со примена на сите други законски овластувања, а против  прекршителите на законските одредби ќе  поднесе соодветни пријави.