Зголемен бројот на патници во првите шест месеци на аеродромите во Македонија

Во првите шест месеци од 2013 година на аеродромите во Република Македонија е забележано зголемување на бројот на превезени патници, споредено со истиот период во 2012 година.

Во првите шест месеци од 2013 година, на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје се регистрирани 443.601 патници на терминалот, што претставува 18.7% повеќе од минатата година, кога биле регистрирани 373.692 патници. На овој аеродром е зголемен и бројот на движења на воздухоплови за 8.7%, а забележано е и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 12.7% во однос на истиот период од шест месеци минатата година.

Во делот на застапеност на дестинациите, според бројот на патници на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, 19.2% од вкупниот број на патници во овие шест месеци патувале до Истанбул, 10.6% до Цирих, 10.4 до Виена, 6.5% до Лондон, 5.6% до Љубљана, 5.1% до Базел, 5% до Загреб, а помалку од 5% до дестинациите Малме, Белград, Дортмунд, Минхен, Ајндховен, Дизелдорф, Милано, Дубаи и други.

Во овој период е забележан раст и на бројот на патници на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде во првото полугодие од 2013 година имало 25.405 патници на терминалот, што претставува 5.4% повеќе од 24.114 патници кои биле регистрирани во истиот временски интервал минатата година. На овој аеродром, во дадениот период, во однос на минатата година исто така е забележан пораст и во бројот на движења на воздухоплови за 8.9%, како и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 72,1%.