Министерот за надворешни работи Никола Попоски денес имаше средба со амбасадорите на земјите – членки на Европската унија во Република Македонија. Состанокот се одржа во рамките на праксата на одржување работни средби со амбасадорите со цел размена на мислења за актуелни прашања во процесот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија.
Министерот Попоски на денешната средба ја реафирмира нашата приоритетна цел во односите со Европската Унија – почеток на преговорите за пристапување во Унијата, при што ги запозна амбасадорите со активностите кои ги презема Владата во насока на исполнување на критериумите за членство во Европската Унија. Посебен акцент беше ставен на клучните приоритети: реформите во судството и јавната администрација, изборното законодавство и борбата против корупцијата , медиумите и зајакнување на пазарната економија .
Министерот исто така, ги информира соговорниците за иницијативите и активностите за унапредување на односите и соработката со соседните земји, во насока на градење на клима на взаемна доверба, како и за напорите на Република Македонија за решавање на спорот наметнат од Грција.
Осврнувајќи се на тековните активности во односите со Европската Унија, министерот Попоски информира за претстојниот редовен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Унија, при што изрази очекување дека Советот објективно ќе го согледа напредокот на Македонија во исполнувањето на Копенхашките критериуми.
На дел од денешниот состанок учествуваше министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, при што ги информира амбасадорите за актуелностите околу Предлог-законот за медиуми.