Воспоставување и менаџирање на процесот на управувањето со човечки ресурси базиран на компетенции во администрацијата, е целта на проектот за реформа во јавната администрација, за што денеска Меморандум за соработка потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и амбасадорот на Обединетото Кралство Кристофер Ивон.
Министерот Ивановски истакна дека досега се преземени и остварени повеќе иницијативи за соработка со Обединетото Кралство, кои помогнаа во создавањето и развојот на сервисно ориентирана професионална администрација.
„Воведовме признати меѓународни методи за оценка и подобрување на квалитетот на работата и управувањето во администрацијата, како што е ЦАФ програмата. Остваривме подготовки и обуки на средното раководство за примена на системот темелен на компетенции во уредувањето на систематизациите, постапките на вработување, стручно усовршување и развој на вработените. Во тие рамки спроведени се 22 обуки на централно и на локално ниво, со преку 440 обучени вработени лица од средното раководство“, рече Ивановски.
Тој додаде дека новите програми во наредниот период, преку експертска и техничка помош, ќе придонесат кон професионален развој на вработените и унапредување на нивните компетенции за да обезбедат ефективен сервис за граѓаните, преку обуки, менторство, дебати и работилници, прирачници и сл.
„Во наредната година, програмата ќе биде насочена и кон подготовка на кандидатите за вработување и интервјуирање темелено на компетенции, кое има за цел да придонесе кон понатамошна професионализација на администрацијата во Република Македонија“, додаде Ивановски.
Британскиот амбасадор Кристофер Ивон истакна дека резултатите од овој проект ќе бидат видливи за неколку месеци, што ќе придонесе за поголема професионализација на администрацијата и поголема услужност за македонските граѓани.
Според него, тоа е уште еден чекор на Обединетото Кралство во поддршката за Република Македонија на патот кон членството во ЕУ.