Денеска на програмата на „Охридско Лето“ вечерва со почеток од 21 часот во Предворјето на Св Софија ќе биде прикажана театарската претстава „Мизантроп“ на текст од Жан Батист Поклен-Молиер, а во изведба на Турскиот театар од Скопје. Ова е прва од вкупно шесте премиери што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот.
За режисерката на претставата Драгана Милошевска-Попова „Мизантроп“ е нејзин трет проект во Турскиот театар. Вели, темата на Молиер ја познава одлично како резултат на тоа што со неа се занимавала цели три години.
„Она што посебно ме фасцинира е времето во кое творел Молиер, неговиот живот и тетарскиот живот во времето кога тој пишувал. Се занимавав со прашањата зошто еден човек станува мизантроп, што значи тоа денес, а што значело во неговото време“, вели Милошевска – Попова.
Според директорот на Турскиот театар – Скопје Атила Клинче, Молиер бил огромен предизвик и за младата актерска екипа на оваа национална установа, која, како што вели, подеднакво е присутна и во комедиите и во трагичните драми.
„Направивме извонредна претстава со извонредна екипа. Во текот на годините што доѓаат овие актери ќе бидат на пиедесталот и ќе освојат многу актерски награди. Куриозитет во оваа претстава е што во неа се вклучени и студенти од Факултетот за драмски уметности од втора година, од мојата класа“, додава Клинче.
Исклучително сериозната претстава е трет проект и за драматургот Катерина Момевска, во соработка со Турскиот театар од Скопје.
„Со оваа претстава сакаме да го поставиме прашањето каде е уметникот денес, но не коментирајќи го актуелното општество, туку ставот на уметникот во секое време. Гледавме да се занимаваме освен со индивидуата, и со уметникот како иднивидуа, но безвремено“, вели Момевска.
Централното место во претставата е домот на Селимена. За главниот лик Алсест што го толкува Селпин Керим, тоа е важен простор за освојување, но место во коешто не може да се задржи и кадешто не може да ги добие своите одговори.
„Мизантроп“ е огромен предизвик. Лицемерието на човештвото ми беше најголемиот предизвик да работам. Мизантроп го тера глумецот да набљудува со други очи“, открива Керим.
И за неговата партнерка во претставата Сузан Акбелге која ја игра улогата на Селимена, оваа претстава предизвикува нови чувства во неа, и како што вели, и овојпат на сцената прави симбиоза со себе си.
„Претставата во мене отвара нови страници, нови видици, нов начин на работа, но и ново будење за мене“, раскажува Акбелге.
Вечерва, театарската претстава „Мизантроп“ ќе го доживее своето трето прикажување во Македонија. Првата изведба беше во МНТ во 70-тите години на минатиот век во режија на Илија Милчин, а потоа и на почетокот од 90-те години кога главната улога ја толкуваше Сашо Чамински.