Груевски: Не сме за предвремени избори, но се можни ако сме принудени со некој нов момент

Премиерот Никола Груевски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не е за предвремени избори иако според политичкото расположение во земјата тие би биле поволни за партијата, но сепак остава можност тие да се случат ако, како што вели, бидат принудени со некаков нов момент.

„Ние не сме расположени да има предвремени избори иако состојбата на теренот е поволна за ВМРО-ДПМНЕ. Ние  би имале победа во случај на предвремени избори. Наше размислување е дека ние би требало да се фокусираме на реализација на програмата која веќе ја реализираме и треба да продолжиме со тоа и не посакуваме да има предвремени избори. Сепак, оставаме можност тоа да се случи доколку сме принудени со некаков нов момент“, рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со партнерите од коалицијата За подобра Македонија.

Груевски додаде дека не може да предвиди кои би биле тие моменти.

На средбата станало збор и за спорот за името. Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите во име на коалицијата посочи дека желба на Република Македонија е да ги отвори пошироко вратите во преговорите со Грција. Желба и на Владата и коалицијата е тој процес да се истера до крај, додаде Стоиљковиќ.

Премиерот Груевски појасни дека тоа значи она што го напишал во писмото до Самарас.

На новинарско прашање дали очекува поддршка од меѓународната заедница за спорот за името, тој рече дека Македонија бара од сите да помогнат.

„Се надеваме дека некој од нив ќе помогнат и дека другата страна ќе покаже добра волја за оваа иницијатива“, рече Груевски.

На редовната средба на партнерите од Коалицијата „За подобра Македонија“ биле разгледани и прашања од економската сфера,  се осврнале на завршените локални избори, за случувањата околу анкетната комисија која се формираше во Парламентот за настаните од 24 декември, како и други актуелни прашања.