Денес на „Охридско Лето“, во рамките на оф-програмата, со почеток во 20 часот, во предворјето на хотел „Палас“ ќе се одржи мултимедијален проект „Три различни пулсирања“.
Проектот „Три различни пулсирања“ е спој на три различни гледишта кон природата и кон животот воопшто.
Пулсот се јавува како едно врзивно средство меѓу творештвата на Ели Аиноска-Христовска – „Непознати предели“, Билјана Ангелеска – „Срцева комора“ и Стевчо Наумоски – „Пулсот на езерото“.
Присутен, но на еден поинаков начин, по малку суптилен, кога посилен кога послаб, кога побрз кога побавен, но сепак алудирајќи на еден витален есенцијален центар кој нè одржува во живот.
Проектот е спој на различни медиуми-објекти, интервенција во простор, фотографии, видео и звук и е резултат и надоврзување на истражувањата на различни аспекти на просторноста, започнати и развивани во претходните проекти.
Во проектот „Непознати предели“ на Ели Аиноска согледуваме една специфична и константно присутна авторска преокупација со просторноста и објектноста, која секако поаѓа од основната идеја на егзистирањето на еден артифициелен (вештачки создаден) објект, поставен во даден, отворен, природен амбиент и вклопувањето со него.
Сложениот однос природно-вештачко, објект-простор кај Ели Аиноска е концептуален, но и сетилен по својата природа. Мноштвото присутни емоции се рефлексија на ритамот и динамиката на животот кој нè опкружува, а како доминантен момент се појавува меланхоличното чувствување на пулсот на природата како основа на животот.
Циклусот фотографии под наслов „Пулсот на езерото“ на Стевчо Наумоски ги претставуваат промените во животните циклуси, преку создавањето паралела помеѓу човекот/жената и езерото.
Како што укажува самиот наслов, со претставувањето на пулсот на езерото, и движењето на ритмички распоредените бранови од површината на водата, авторот ги истражува поимите на минливост и постојаност, неизбежното менување и вечно циклично движење. Овој став во суштина е близок на учењето на древниот Хераклит – чија парола „сè тече“ необично е блиска со размислувањата на Наумоски – според кого, постојаните промени или течење се, всушност, најосновната карактеристика на природата.
Просторната инсталација насловена „Срцева комора“, нуди повеќе различни толкувања на поимот „срце“, толкувања кои се разгледувани од повеќе комплексни и меѓусебно надополнувачки аспекти – физиолошко-егзистенцијален, филозофски и, се разбира, ликовен аспект.
Физиолошко-егзистенцијалното толкување на поимот срце според анатомските толкувања е сложено, како што е сложена и функцијата која што ја врши овој орган. Филозофското објаснување се должи повторно на круцијалната улога на срцето како витален есенцијален центар и извор на емоциите на битието, извор на интелектот, фантазијата и секако љубовта.