Српски и охридски полициски службеници отпочнаа со заеднички патроли во Охрид

Продлабочување на полициската соработка, размена на информации, поддршка во превентивните активности и заеднички активности за зголемување на степенот на безбедноста во Охрид, се приоритетите врз кои денес во Охрид отпочнаа заедничките полициски патроли меѓу полициските службеници од Македонското и Српското министерство за внатрешни работи. 

Српските полициски службеници при заедничките патроли со припадниците на секторот за внатрешни работи Охрид, нема да имаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен ќе бидат обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на Република Македонија. Тие, нема да имаат полициски или други извршни овластувања и нема да го носат службеното оружје и другата службена опрема. Заедничките активности ќе се одвиваат по централното градско подрачје, по охридското крајбрежје и во останатите делови од градот. 

При спроведувањето на полициските мерки на терен, тие ќе даваат поддршка на полициските службеници од СВР Охрид во нивните превентивни активности насочени кон обезбедување на јавниот ред и мир и на  контрола на угостителските објекти и ќе бидат подршка на Македонските и на државјаните на Република Србија кои за време на туристичката сезона престојуваат во Охрид. 

Заедничките полициски патроли меѓу полициските службеници од Македонското и Српското министерство за внатрешни работи ќе се реализираат во Охрид до 15-ти Септември кога во Охрид во две смени ќе патролираат по еден униформираниот полициски службеник и полициски инспектор на криминалистичката полиција на Министерството за внатрешни работи на Република Србија.  

Заедничките полициски патроли се резултат на постигнатиот договор меѓу Владите на Република Македонија и Република Србија за полициска соработка потпишан на 30-ти ноември 2011 година.