Компании од информатичката технологија, турзмот, спа-туризмот и автомобилската индустрија во Велика Британија пројавија интерес за инвестирање во Македонија на одржаните бизнис форуми. Со дел од компаниите контактите се во почетна фаза, со дел имало и претходни средби, а вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува дека наредната година дел од нив ќе направат реална инвестиција во Македонија.
„Во изминатите четири дена ги посетивме четирите главни градови во Велика Британија – Лондон, Лидс и Ливерпул со дополнителни посети во Манчестер при што беа презентирани инвестициските можности за Република Македонија да биде запознаена од страна на англиските инвеститори, да се слушнат погодностите што ги дава нашата земја. Можам да кажам дека постоеше добар интерес, посебно во делот на атрактивната даночна политика, ниските даноци, подобрувањата во условите за водење бизнис коишто ги нотираше и Светска банка и Дуинг бизнис извештајот и атрактивноста на Македонија како локација каде што може во слободните економски зони дополнителни даночни повластици да се добијат и каде што компаниите од Англија можат со пониски трошоци да работат рентабилно. Она што е значајно за нас секако би било отворање нови работни места“, изјави за МИА вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска по завршување на посетата на Велика Британија.
Според него, сето тоа дава надеж дека во иднина некои од компаниите со кои оствариле контакт ќе дојдат во Македонија да го продолжат она што го почнале.
„Имаше интерес во неколку сектори, но се уште е рано да се зборува поконкретно за тоа какви инвестиции би можеле да следат. Наша задача овде беше да го презентираме она што Македонија може да го понуди, да оствариме почетни контакти и верувам дека врз основа на најавите ќе имаме посета на инвеститори од Англија во следниот период и дека дел од овие работи што тука се разговараат ќе се материјализираат и ќе дојде до реални инвестиции“, истакна Ставрески.
Информира дека за време на посетата владиниот тим посетил региони каде што поретко одат владите од други држави, како што се Ливерпул, Лидс, Шефилд и Манчестер, при што се остварени билатерални средби со многу компании и оти се задоволни од интересот што е покажан и од контактите што се воспоставени и можностите да се развие натамошна соработка.
Вицепремиерот потенцира дека имале средби и компании со кои претходно се остварени контакти, каде што разговорите се во понапредна фаза.
„Има компании кои имаа и поконкретни најави посебно во делот на информатичката технологија и некои други сектори дека претходно имале информации за Македонија, направиле истражување на пазарот. И за нив е битно повторно да дојдат во Македонија да се сретнат со владините институции, но и со приватниот сектор и со институтите и универзитетите за да ги видат сите аспекти на инвестициите, да ја проанализираат состојбата и верувам дека во текот на следната година дел од овие компании што се во понапредна фаза ќе се решат да инвестираат конкретно со реална инвестиција и со вработување во Република Македонија“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески.