Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ЈП „Билјанини Извори“ и лицата со попреченост од Охрид

Спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“ Охрид претставува есенцијален спортски објект кој голем дел од своите активности ги насочува кон развој и афирмација на рекреативниот и масовен спорт со посебно внимание кон лицата со попреченост, како начин кој обезбедува можности за негување на физичката кондиција и социалните интеракциски вештини. Во таа насока Ј.П. „Билјанини Извори“ денес потпиша Меморандум за соработка со лицата со попреченост, со кој се обврзува на користење на спортските објекти на лицата со попреченост со претходна најава од 15 дена; користење на Градскиот базен „Атина Бојаџи“; промотивно возење со двокатниот панорамски автобус; поддршка на активностите на лицата со попреченост кои се во домен на улугите на Ј.П. „Билјанини извори“.

„Ние претходно во овие месец дена имавме консултации имавме и една средба, на која што се договоривме вратите на Ј.П. „Билјанини Извори“ согласно стратегијата на ЈП и Локалната самоуправа да ги отвориме за користење на сите здруженија кои влегуваат во групата на лица со попреченост“, – истакна в.д. директорот на Ј.П. „Билјанини Извори“ Иванчо Цветкоски.

Цветкоски напомна дека со оглед на тоа дека на 11 септември ќе се отвори првата охридска спортска академија, на предлог на Здруженијата договорено е да се отвори еден посебен сектор, кој што ќе ги тангира овие здруженија, кој ќе биде отворен за сите членови. Притоа Цветкоски рече дека нема да се плаќа никаква членарина месечно и дека во тој сектор како што кажа се надева дека Здруженијата ќе предложат едно лице кое што ќе биде одговорно за спортската академија, кое што ЈП хонорарно ќе го вработи, се со цел ЈП како јавен сервис да ги отвори вратите на сите групи граѓани кои што живеат во градот.

Ј.П. „Билјанини Извори“ и лицата со попреченост си упатија благодарност за потпишаниот меморандум.

„Ние сме многу задоволни, се надеваме дека во иднина ќе имаме плодна соработка. Имаме многу идеи кои што сигурна сум дека ќе се реализираат, пред се идеи за спортски активности на нашето членство“, – рече Славица Стефаноска од Здружението на глуви и наглуви.

Снежана Танеска од Здружението на лица со телесен инвалидитет, мобилност Охрид како што рече оваа иницијатива е пионер, чекор во РМ за склучување соработка помеѓу здруженијата кои ги претставуваат лицата со инвалидидет, со цел остварување на спортските активности.

„Ова е огромно поздравување да се има слух и доблест за нашите потреби како лица со инвалидидет вратите да ни бидат слободно отворени за да можеме целсоно да се исполниме“, – додаде Танеска.

Претседателот на Здружението на инвалиди на трудот Благоја Крстаноски ја поздрави оваа иницијатива и изрази благодарност за тоа што инвалидите на трудот како една од побројните и најстара инвалидска органзиција ќе може да соработува и ќе ги користи терените на спорстко рекреативниот центар „Билјанини Извори“.

„Слепите лица и покрај својот визуелен хендикеп можат да учествуваат во сите спортски манифестации. Организацијата на тие спортски активности е малку поспецифична. Во нашето 60 годишно постоење досега парцијално сме ги решавале тие проблеми околу користењето на спортските терени. Ова е прв пат комплетно да ги решиме и формално тоа да го направиме и се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму“, – истакна претставникот на слепите лица од Охрид, Славчо Џајкоски.

И Зоран Костадиноски од Здружението на лица со интелектуална попреченост Зраци од Охрид, како и останатите претставници од здруженијата изрази благодарност и како што рече  позитивна енергија за пристапот на директорот и ЈП и за начинот на кој што досега се стигна до овој Меморандум.

WebOhrid