Исклучително слабиот шут, како од поле, така и од линијата за слободни фрлања, беше главна причина за поразот на нашата репрезентација од Данска, иако влезе како голем фаворит во денешната средба. И покрај обидите за враќање во завршницата, Данска славеше во салата „Парк“ во Струмица со 58-56.
Македонија не поведе во ниту еден момент од натпреварот, а уште во првата четвртина се почуствуваа проблемите со реализацијата. Данска со две тројки во низа поведе со 6-2, а Македонија веќе губеше со двоцифрена негатива на крајот на првата четвртина, во која постигна само седум поени од кои четири од поле. Продолжија истите проблеми и во втората четвртина, Данска играше многу дисциплинирана кошарка и користејќи ги сите грешки кои ги правеше нашиот состав, пред полувремето стигна и до 20 поени разлика, за на пауза да се замине со 32-14 за Данците.
Успеаја да ја поправат играта во нападот нашите кошаркари во второто полувреме и со доста поагресивна игра се обидуваа да ги примораат Данците на грешки. Навестуваа враќање во мечот кошаркарите на Мирза Куртовиќ и покрај тоа што разликата беше висока, но неколку сомнителни судиски одлуки, пред се во третата четвртина, ги одржаа Данците на двоцифрена позитива. И натаму шутот на нашите кошаркари беше многу слаб, со 14/30 од линијата за слободни и 0/15 за тројка, но со поените на Младеновски, на нешто повеќе од четири минути до крајот се доближивме на шест разлика. Сепак, Данска погоди неколку важни шутеви, се одлепи на нови плус девет и иако Магдевски и Двојаковски во самата последна минута ги погодија двете единствени тројки за нашиот тим во мечот, веќе беше предоцна. Данска славеше со 58-56, влошувајќи ги шансите на нашата репрезентација за пласман во следната фаза.
Љубомир Младеновски со 14 поени и 13 скокови беше најефикасен поединец во нашиот тим, додека Андреј Магдевски постигна 16 поени со 6 скокови. Кристијан Николов додаде уште 9 поени, а во листата на стрелци се запишаа и Цветковски, Двојаковски, Милков, Мекиќ, Нацевски, Митров и Шалев. Кај Данска, најдобар беше Хансен со 14 поени и 11 скокови.
„Доста незгоден пораз. Уште пред натпреварот им кажав на кошаркарите дека не смееме да ги потцениме Данците, дека мора да играме агресивно и пред се колективно во напад. Тоа не беше случај во првото полувреме, кога и се одлучи натпреварот. Промашивме многу шутеви, многу зицери и иако заигравме доста подобро во второто полувреме, не успеавме да направиме пресврт. Во второто полувреме бевме многу поконкретни и сигурен сум дека ако на тој начин го почневме натпреварот, исходот ќе беше комплетно различен“, изјави Мирза Куртовиќ по натпреварот.
Утре нашата репрезентација се среќава со силната Полска, која според тоа што досега го покажа на Првенството, се издвојува како главен фаворит за врвот заедно со тимовите на Израел и Шведска. Групната фаза ја завршуваме со меч против Финска во понеделник. Доколку победиме на двете средби, сигурно ќе обезбедиме пласман во следната фаза, сепак, постојат шанси и доколку ја победиме само Финска во понеделник, но со доволен број на поени разлика. Тоа ќе зависи секако и од резултатите на утрешните останати натпревари во нашата група.
„Полска е репрезентација која е навистина силна и ќе ни биде исклучително тешко. Сепак, во ниту еден момент не помислуваме да се откажуваме. Верувам дека утре ќе одиграме како што најдобро знаеме и ќе успееме да победиме“, заклучи селекторот на нашата репрезентација.