Вечерва со почеток во 21:00 во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид, на програмата на „Охридско Лето“ е театарската претстава „Изгубени Германци“.
„Изгубени Германци“ е целовечерна драма со современи идеи, атмосфера и амбиент кои се базираат на периодот од Втората светска војна. Настаните се случуваат во 1944 година, а гравитираат околу група Германци кои се заробени во рудник. Внатре истражуваат тајна руда, но истовремено отворајќи ги универзалните прашања за животот, смртта и општеството. Храната им ја обезбедува Американец, што претставува алузија на надежта која Македонија ја негува кон светската сила.
Претставата, која Унковски ја опиша како трагична разврска со пеење, е пријатно изненадување затоа што обединува извонредна актерска екипа.
Стожерни теми на драмата се есенцијалните прашања за смислата на животот во комбинација со општествените превирања, вклучувајќи го тука и прашањето на хомосексуалноста и на спротивставените политички движења како левицата наспроти десницата. Tекстот не обработува дневнополитички теми, туку станува збор за универзални дилеми и конфликти.
„Не би можел да изберам подобра ситуација во светот за поставување на мојот текст од оваа овде. Идејата ја имав подолго време и се темели на вистинска приказна, која ја слушнав од мојот покоен дедо. Ја планирав за филмско сценарио, но сфатив дека е поподатлива за драмски текст. Поразлично од тоа што сум работел до сега, има поспецифична отворена структура“, – објасни Дуковски.
Текстот на Дуковски, инаку во 2009 година ја доби првата награда на конкурсот „Коле Чашуле“ за драмски текст со што беше предвидено истиот да се постави на сцената на МНТ.
Слободан Унковски е роден во Скопје 1948 година. Дипломирал режија во 1971 година на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, во класата на професор Вјекослав Африќ.
Денеска работи како професор по режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и ја води мастер програмата за драмска режија.
Режирал повеќе претстави кои биле прикажувани и надвор од Македонија, а добитник е и на бројни награди од различни фестивали.