Многу прашања за нашата иднина лежат одговорени во нашето минато – интервју со Никола Митровиќ

МНОГУ ПРАШАЊА ЗА НАШАТА ИДНИНА ЛЕЖАТ ОДГОВОРЕНИ ВО НАШЕТО МИНАТО

(Интервју: М-р Никола Митровиќ, историчар, инспектор во Државниот архив – Охрид)

Историјата е најнеисцрпната и најконтроверзната наука преку која историските евидентичари (најчесто победниците) ги запишувале настаните од нивното стојалиште, а уште повеќе водени од нивниот интерес.

Државниот архив во Охрид е една физички не многу привлечна зграда, но како јавна установа е полна со историски документи и друга архивска граѓа од која свои мотиви за поинакво, пореално и поверодостојно толкување на историјата гледаат денешните македонски историчари.

Овој запис, ова интервју што следува е токму еден мал обид да се доближиме до тајните на Државниот архив од Охрид и до работата на еден од поамбициозните млади историчари,   м-р Никола Митровиќ.

WebOhrid: Државниот архив според изгледот на зградата делува некако сиво, мистично, речиси загадочно… Колку од овие епитети можат да му се препишат… Колку е, всушност мистична или загадочна историската граѓа со која располагаат историските архиви во Македонија?!

Митровиќ:   „Секој документ, секое досие, секој предмет кој се чува во Државиот архив на Република Македонија, а со тоа и во подрачното одделение Охрид само по себе е обвиено со одредена доза на мистичност. Доколку одреден документ не е воопшто истражуван тогаш мистичноста е се поголема. Од тој аспект можам да потврдам дека ДА, Државниот архив е преполн со доза на мистичност и загадочност меѓутоа само кога станува збор за документацијата која се чува во него. Меѓутоа затоа се тука истражувачите, па и секојдневните корисници кои со нивната употреба на архивскиот материјал допринесуваат таа мистичност полека но сигурно да се разоткрива и служи во интерес на граѓаните или македонската историја, а во одредени случаи и во интерес на историите на други држави. Додека кога станува збор за надворешниот изглед на самата зграда на ПО Државен архив тогаш единствен коментар би можел да дадам дека тоа е во избор на самиот архитект кој ја проектирал меѓутоа мора да се напомене дека е изградена по одредени стандарди кои ги задоволуваат потребите за чување на стара документација“.

WebOhrid: Колку Архивот соработува со граѓаните и во колкава мера граѓаните се заинтересирани за да ги користат документите и другата историска книжнина?

Митровиќ:   „Архивот е државна институција која е наменета да им служи на граѓаните. Тоа е примарно, а според тоа важноста на оваа институција несомнено е многу голема. Замислете целокупното пишано богато наследство е во државниот архив. Се разбира тука отпаѓа пишаното богатство од приватните иматели кои во повеќе случаеви исто така ја предаваат документацијата на Државниот архив.

   Соработката на Државниот Архив со граѓаните не само што е голема туку е континуирана и секојдневна. Нивните секојдневни потреби за надополнување на документацијата за различни причини е нешто за што и Државниот Архив постои и опстојува. Меѓутоа покрај секојдневните потреби од различна документација тука е и документацијата која е потребна за научно-истражувачка цел. Токму тука е зачетокот на одгатнување на мистичноста на одредени документи и доколку се одгатне таквата мистичност тогаш задоволството е обострано и на истражувачот и на Државниот архив како институција бидејќи во своето депо поседува документ кој покажал и докажал одредена околност, личност, настан и сл“.

WebOhrid: Каков е профилот на вработени во архивот и која е заедничката годишна програма? Кои се проектите со кои се ангажирани вработените стручни лица?!

Митровиќ:   „Државниот архив на Република Македонија ПО Охрид е институција која во своето делување има сплет на повозрасни стручни кадри кои со своето искуство допринесуваат секојдневните активности да се обвиваат со сигурност додека од друга страна во Државниот архив има и кадри кои се од помладата генерација на кои со својот ентузијазам и идеи допринесуваат подинамично делување. Се на се овој сплет на младост и искуство допринесува Државниот Архив ПО Охрид да биде експедитивен и стручен во секојдневното работење.

      Во ДАРМ ПО Охрид има повеќе служби, тука е сектор за средување и обработка на документација, сектор за инспекциски надзор, како и сектор за заштита на архивски материјал. Сите работат по претходно донесен годишен план и активности, а многу често се спроведуваат и одредени проекти од доменот на дигитализација и слично во соработка со архивите од земјава или од странство“.

WebOhrid: Вие, како млад и амбициозен историчар веќе сте со звање магистер, а работите и на докторска дисертација на темата поврзана со ликот и делото на охридскиот војвода Петар Чаулев. Што ново како историски факти и документи ќе понудите на читателите како историска читанка?

Митровиќ:   „Морам да бидам искрен и да претпочитам во целост да го изразам моето задоволство за докторската дисертација која еве преку вакви интервјуа доста е популаризирана. Несомнено тоа е така и буди интерес пред се кај моите сограѓани бидејќи станува збор за Петар Чаулев охриѓанец, македонски револуционер, значајна личност во ВМРО, а со тоа интересот за докторската дисертација се зголемува и на ниво на Република Македонија. Тоа најдобро се докажа и со понудата за снимање на документарен филм за Петар Чаулев во кој јас заедно со проф. д-р Владо Попоски и проф. д-р Зоран Тодороски директор на ДАРМ го имавме наративниот дел. Докторската дисертација е готова го чека само својот датум за одбрана, а со тоа и денот на нејзиното објавување. Морам да изразам голема благодарност до сите сограѓани кои на еден или друг начин помогнаа во пишувањето и дооформувањето на текстот со одредени факти. Многу од историските факти пронајдов меѓу нашите сограѓани и затоа нескромно ќе кажам дека ова дело е пишувано само преку моето „перо“, а заслугата е на моите сограѓани, а за нив ќе биде и посветата.

   Не би сакал да откривам дел од историските факти кои што се прикажани во дисертацијата само можам да откријам дека ќе изобилува со документи од коресподенцијата на Чаулев, Дешифрирани писма, фотографски материјал и голем број на написи од различни редакции од европски весници кои се однесуваат на Чаулев и неговото делување“.

WebOhrid: Колкава е мотивацијата да се работи врз темелите и настаните од македонската историја? Што мислите, што и недостига на македонската историграфија како одбранбен механизам против балканските сеништа од минатото и големодржавни ветришта од денешнината?!

Митровиќ:   „Македонската историја ја доживувам како своевиден мозаик, а на нас историчарите преостанува колкав дел од тој мозаик ќе откриеме. Токму тука припаѓа мотивацијата и наклонетоста кон историјата и историографијата. Она што и недостига на Македонската историграфија како одбрамбен механизам е заеднички став по круцијалните прашања поврзани за најзначајните настани и личности. Кога би се имало такви ставови полесно би било и дејствувањето во сегашноста, а се разбира и во иднината.

Многу прашања од иднината лежат одговорени токму во минатото оттука произлегува и респектабилноста на Историјата како наука. Се би било полесно кога со историјата би се занимавале само Историчари и професии од доменот на Историјата како Археологија, Архивистика, Етнологија, Хералдика и сл“.

WebOhrid