Репрезентацијата на Македонија до 18 години одигра тврд натпревар против фаворитот во групата Полска, но и покрај шансите кои ги имаше, не успеа да дојде до триумф кој ќе ги ставеше кошаркарите на Мирза Куртовиќ во добра позиција за прогрес од групата. Победа утре против Финска од 13 разлика, но и посакувана разврска на другите средби од групата, ги носи нашите јуниори на посакуваното второ место на табелата.
Играта во одбрана беше доминантна на двете страни во текот на целата средба, па иако нашата репрезентација добро почна и одржуваше благо едноцифрено водство во текот на целата прва четвртина, Полска со три брзи реализации направи пресврт и стигна до водство кое не го испушти до крајот на натпреварот. Во текот на втората четвртина, кога изгледаше дека избраниците на Мирза Куртовиќ фаќаат посакуван ритам во нападот, три тројки во три шута по ред на Пољаците му дадоа голема самодоверба на нашиот противник.
На почетокот на второто полувреме, Полска за прв пат поведе и со двоцифрена разлика (41-29), која ја одржуваше се до средината на последната четвртина. Офанзивните скокови и доминацијата во рекетите беа главна сила на Пољаците, кои сепак тешко се снаоѓаа на агресивната игра на Македонија на крајот на натпреварот. Но тоа изгледаше предоцна, Македонија успеа да се доближи, но не и да направи пресврт, за конечен пораз од 66-59, втор по ред, кој не става во незгодна ситуација пред утрешниот последен ден од првата фаза.
Љубомир Младеновски со 13 поени и 10 скокови беше најефикасен поединец во нашиот тим, Кристијан Николов додаде 14 поени, а особено впечатлив настап имаше Андреј Цветковски, кој со влегувањето во игра внесе живост и ја зголеми агресивноста, пред се во одбраната. Поени постигнаа уште Шалев, Милков, Нацевски, Митров и Двојаковски.
По овој резултат, јасно е само дека Полска го официјализираше првото место во групата, додека за втората позиција до крај ќе се борат сите останати четири екипи. Утре нашиот состав од 18.45 часот ќе игра против Финска во салата „Никола Карев“ во Струмица. Доколку Финска вечерва ја совлада Унгарија, само победа над Финска утре од повеќе од 13 поени би ја пласирале Македонија на посакуваното второ место во групата.