Јанкулоска: Врз професионалното работење не влијае никаква политичка одлука

МВР постапува согласно закон и наредбите од надлежни институции. Во принцип не ги најавува полициските акции, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со приведувањето на Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на културното богатство.

„МВР кога ќе добие наредба од обвинителството, како што тоа беше во конкретниот случај, веднаш постапуваме без никакви консултации и информации. Тоа е практика на секое МВР во светот бидејќи само така ќе бидеме подготвени да одговориме во секој момент кога обвинителството од нас тоа ќе го побара“, изјави Јанкулоска.

Таа прецизира дека ако во овој момент МВР добие каква било наредба од обвинителството и од судот, таа ќе биде веднаш спроведена и за тоа, истакна, не мора да биде информиран ниту министерот, ниту повисоките државни функционери бидејќи врз професионалното извршување на работите не влијае никаква политичка одлука.