Претседателот Иванов ја отвори 11-тата Смотра на Сојузот на извидници на Македонија

Вчера во Античкиот театар во Охрид се одржа отворањето на 11тата Смотра на Сојузот на извидници на Македонија. Смотрата беше отворена од страна на Претседателот на Република Македонија г- дин Ѓорѓе Иванов.

„Денес при посетата на с. Скребатно се уверив за одличните услови кои се обезбедени од страна на организаторите на Смотрата и Армијата на Република Македонија. Програмата која ќе биде изведена на Смотрата е извонредна и изобилува со голем број на интересни активности. Сојузот на извидници на Македонија претставува една од најзначајните младински организации во Македонија и се надевам дека оваа традиција ќе продолжи,“ – истакна претседателот Иванов.

 На отворањето исто така се обрати и Началникот на Генералштабот на АРМ Генерал- мајор Горанчо Котески, кои ги поздрави учесниците.

„Вашето движење е основано од наш припадник и само тоа кажува дека делиме исти корени. Нашата соработка со извидниците во Македонија ќе продолжи да се развива во позитивна носока.“ – рече Котески.

Покрај Претседателот и Началникот на Генералштабот на отворањето се обрати и Андреа Демарелс, член на Европскиот извиднички комитет.

„Во модерниот свет кој е во криза на вредности, извидништвото им нуди на младите можност да се изградат како позитивни личности во општеството. Сојузот на извидници на Македонија од ден во ден работи на градење на позитивна младина,“ – истакна Демарелс.

Претходно, во текот на денот Претседателот на Република Македонија г- дин Ѓорѓе Иванов го посети самиот терен на Смотрата каде имаше можност да се запознае со учесниците и да ги посети дел од активностите на Смотрата. 

Смотрата ќе биде отворена за претставниците на медиумите во текот на целото нејзино одржување со претходна најава кај надлежните лица на смотрата.

Ivanov_Smotra_2