Во нов тврд, тесен и постојано неизвесен натпревар, нашата репрезентација ја совлада Финска со 68-62 во одлучувачкиот дуел за пласман во четвртфиналето на Европското првенство чиј домаќин е Струмица. Поддржани од бројните навивачи во салата „Никола Карев“, избраниците на Мирза Куртовиќ одиграа одлична завршница и заслужен пласман меѓу осумте најдобри на Првенството.
Одлично почнаа нашите репрезентативци и по само две минути игра веќе водеа со 10-0, со реализациите на Андреј Магдевски и Даниел Нацевски. Продолживме да играме цврста одбрана, но затаи нападот до крајот на четвртината, па Финска успеа резултатски да се врати и дури и да поведе на почетокот на втората четвртина. Избраниците на Мирза Куртовиќ се среќаваа со нови проблеми со реализацијата, а повеќето промашени слободни фрлања и шутеви од далечина, дозволија Финска да поведе и со највисоки 27-22. Сепак, двете тројки на Митров и Магдевски во последната минута од полувремето, ја одведоа Македонија со минимална предност од 28-27 на паузата.
Генерално кош-за-кош се играше во третата четвртина, во која одбраната на двете страни играше доминантна улога. Тешко се стигнуваше до чиста позиција за реализација и ниту една од двете репрезентации не успеа да се одлепи во ниту еден момент. Андреј Магдевски нареди пет поени по ред на стартот на последниот период, се надоврза и Кристијан Николов со уште една реализација од поле и Македонија поведе со 46-37. Но во тие моменти, додека нашиот напад функционираше одлично, профункционира и шутот за тројка на Финска. Хирвонен погоди две по ред, веднаш потоа и Вуоренјури и Финците се одржуваа на достижна негатива. Сепак, имаше Македонија одговор за тоа преку Магдевски и Николов, кои вратија на идентичен начин, со три тројки, но овој пат и покрај обидите на Финска уште еднаш да се врати во игра, реализираните слободни на Митров и Николов ја задржаа победата за Македонија (68-62).
Андреј Магдевски со 23 поени (шест постигнати тројки), на кои додаде 5 скокови и 4 асистенции, беше најефикасен во нашиот состав, додека Кристијан Николов додаде 16 поени со 3 скокови и 3 асистенции. Меѓу повпечатливите беа Даниел Нацевски со 11 поени и Дарио Митров со 9 поени. Младеновски постигна 3, но прифати и 9 скокови, додека во листата на стрелци се запишаа уште Цветковски и Шалев со по 3 поени. Најистакнат кај Финска беше плејмејкерот Хирвонен.
Со оваа победа, нашата репрезентација успешно ја мина првата фаза од Првенството во Струмица и се пласираше во четвртфиналната групна фаза, каде ќе игра против Холандија и Естонија. Утре е слободен ден на Првенството, а натпреварите ќе се играат од истиот термин како и досега, од 18:45, во среда и четврток.