Струга ќе сонува на јаве со ДримОN

Јаки жени, Ачик Активизам, Збор – два текст, Утрешниот уметник и Урбан Шаман се петте целини од првиот Фестивал за процесирање култура ДримОN кој ќе се одржи од 24 до 28 јули на Летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Фестивалот е првата активност на здружението Иницијатива за независен културен активизам ИНКА која ги обединува идеите на повеќе креативци од земјава, кои имаат визија за остварување и одржување постојан проток на создавачка и креативна уметничка сила. 

ДримON е насочен кон оживување на креативната сфера на уметноста и културата во која лежи огромен потенцијал за подобрување на сеопштиот квалитет на живеење. Кристина Тодороска – Петреска, дел од ИНКА и еден од иницијаторите за фестивалот, вели дека основната цел е да се претстават креативни производи кои се темелат на знаење, умешност, љубов, автентичност и корисност. 

„Попрецизно, се работи за фестивал кој покрај релацијата примач-излагач сака да понуди и интерактивно внесување на посетителот во самиот чин на културно процесирање. Фестивалот нуди и едукативен дел преку предавања и работилници со цел да ја предизвика љубопитноста и потребата кај посетителите да го надградат своето знаење и вештини за креативно изразување надвор од формалните рамки на образованието“, – вели таа и додава дека со посебни утрински работилници ќе бидат опфатени и најмладите од 8 до 13 годишна возраст. 

ДримON пред сè претставува автори од младата современа арт сцена во Македонија, но опфаќа и реномирани предавачи од академската и креативната бизнис сцена. Петдневната фестивалска програма нуди можност да се доживеат тематски и жанровски различни области од уметноста и културата. Програмата опфаќа предавања, креативни работилници, уметнички, театарски и музички перформанси, изложби, видео проекции на авторски филмови од Македонија. Фестивалот е замислен како можност за процесирање различни области од културата и опфаќа тематски денови посветени на:

Ден 1: Јаки жени – женско творештво

Ден 2: Ачик Активизам – активизмот и креативните индустрии

Ден 3: Збор – два – текст – книжевен лавиринт

Ден 4: Утрешниот уметник – современи текови во уметноста

Ден 5: Урбан Шаман- уметноста на живеењето

Фестивалот се разлизира во копродукција со Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, без финансии, а благодарение на поединци и на дел од бизнис заедницата во Македонија.

plakat so programa